СЕММ денеска организираше онлајн средба со новинарите од североисточниот плански регион

СЕММ денеска организираше онлајн средба со новинарите од североисточниот плански регион со седиште во Куманово. На средбата учествуваа  новинари од локалните  електронски и онлајн медиуми. Темата на средбата беше „Медиумското известување во време на Ковид-19 – искуствата на СЕММ“.

Извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева, истакна дека „сензационалистичко информирање, едностраното известување, недостигот на дистанца од политичките субјекти за кои што се информира, се главните забележани појави на нарушување на Кодексот на новинарите на Македонија“.

Токму за време на пандемијата во Комисијата за жалби при СЕММ се пристигнати голем број на жалби во 2020 година, истакна Даниел Димитриески, програмски координатор во СЕММ.1 1

„Во 2020 година имавме 140 жалби. И тоа е речиси двојно повеќе од минатата 2019 година. Споредбено, во 2019 година имавме 83 жалби. Во 2020 година донесени се 109 одлуки, а 18 жалби се дефинирани како неосновани, 13 жалби се решени по пат на медијација, односно помирување помеѓу страните. Во 2020 година, 15% од жалбите се решени со медијација, а во 2019 година само 4% се решени со медијација, што укажува дека се почесто медиумите се спремни да соработуваат со саморегулативното тело. Годинава до денес се добиени 95 жалби, очекуваме повторно пораст за 20 до 30 % во 2021 година“, истакна Димитриески.1 2

Повеќето новинари учесници укажаа на низа проблеми со кои се соочуваат  во нивната професија, пред сè со недостигот на финансии. 

„Бевме недоволно информирани и ние, како новинари за време на пандемијата, информации добивавме претежно од централно ниво. Секако тука се и финансиските проблеми, свесни сме во каква состојба се и другите медиуми, во одреден дел од пандемијата немавме никакви насоки за заштита на новинарите“, истакна новинарот Никола Ивановски.

Новинарката Сузана Николиќ истакна дека се соочувале со различни потешкотии при информирањето од терен за време на пандемијата. „Во овој регион, особено во Куманово, нема доволно портпароли на јавните институции, па таа функција повремено ја вршат раководителите, што претставува пречка за навременото информирање. Поради оваа состојба, бевме принудени, главно, информациите да ги црпиме од централно ниво, со оглед на тоа што не бевме во можност подетално да се информираме за состојбите во нашето најблиско опкружување.

Присутните новинари беа информирани и за придобивките од креирањето на Регистарот на професионални онлајн медиуми.

Претставниците на СЕММ апелираа за натамошна вклученост на медиумите во поддршката на саморегулацијата, а исто така и за иницијативите за координација, како во рамки на професионалната медиумска заедница, така и со други релевантни чинители, како што е бизнис секторот, за што присутните дадоа безрезервна подршка.1 3

Настанот е во рамките на проектот ,,Поддршка на слободата на изразување во медиумите во Северна Македонија’’ што го имплементира Советот за етика во медиумите (СЕММ), со поддршка на делегацијата на ЕУ во Р. Северна Македонија.

Scroll to Top