Извршната директорка на СЕММ Марина Тунева вели дека фокусот на овој проект, поддржан од Канадскиот фонд за локален развој, како дел од серијалот настани посветени на борбата против говорот на омраза и дискриминацијата во медиумите, е директно позврзан со се поголемиот број жалби што саморегулаторното тело ги примило за известувањето на медиумите за различни групи и поединци во општеството . “Почувствувавме потреба не само да се адресираат прашањата за механизмите што стојат на располагање како и кога да се активираат во справувањето со вакви појави, туку и да се размисли како афирмативно да се известува за различностите во медиумите, односно да се даде вистинска поддршка на концептот за инклузивно известување“, потенцира Тунева.
СЕММ, вели таа, има традиција која ќе продолжи да го наградува професионалното новинарство кое особено се занимава со инклузивно известување, затоа што се смета дека медиумите може да помогнат во надминувањето на овој тип проблеми, со отворањето токму на вакви прашања пред јавноста. Тие дополнително се потврдија дека се присутни и за време на пандемијата со Ковид која се уште трае. Несомнено треба да се работи на изготвување на дополнителни насоки и стандарди како да се известува за овие општествени групи.
ШТО Е ИНКЛУЗИВНО НОВИНАРСТВО?
Инклузивно новинарство е збир од вредносни судови (мислења, верувања и емоции), уреднички политики и практики на известување чија цел е да обезбедат вклученост на разновидни гласови во медиумската сфера. Инклузивно новинарство треба да обезбеди преиспитување на работата и специфичните постапки што ги спроведуваат новинарите со цел да понудат решение и одговор за нееднаквостите што се резултат на несоодветно функционирање на социјалните структури. Целта на ваквото новинарство е меѓу другото да обезбеди рефлексивно размислување за процесите во општеството, да вклучи социјален, политички и културен плурализам, да ја признае и прифати различноста, смета истражувачот од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) Весна Никодиновска. Според неа, инклузивното новинарство особено зависи и од уредниците и самите медиумски редакции каде со изборот на теми за новинарска обработка, практично се одлучува кој и во колкава мерка ќе биде вклучен или исклучен од содржината што ја прави општествената слика.
МИМ во изминатиот период на траење на ковид-пандемијата спровел повеќе истражувања кои покажале дека има двојно зголемување на говорот на омраза мрежи и дискриминацијата воопшто, особено на социјалните мрежи, а за сметка на тоа несоодветно прикажување на маргинализираните групи особено лицата со попреченост, ЛГБТИ популацијата, Ромите, односно помалите етнички заедници, а во голема мерка и децата и жените. “Затоа е неопходно новинарите да вклучат пто повеќе различни гласови од различни групи и сегменти во општеството во секојдневното известување, да користат прецизна терминологија и особено да бидат внимателни при пренесување на ксенофобично изјави од јавни личности, покрај стандарното избегнување на стереотипите и генерализациите. А, медиумските редакции да станат што поинклузивно и да создаваат и спротивставени, но и афирмативни наративи за оваа категорија на луѓе“, нагласува Никодиновска.
Во исто време, институциите мора поактивно да се ангажираат и спротивстават на дезинформациите и говорот на омраза во медиумите. А, ова особено треба да важи за политичките партии од кои треба постојано да се бара да бидат осудено ваквите феномени. Впрочем и Советот на Европа препорачува дека разлиучностите во медиумското известување треба да се инфузираат.
КАДЕ Е ГЛАСОТ НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
За Владо Крстевски од Републичкиот центар за лица со интелектуална попреченост “Порака“, нема дилеми дека разбивањето на предрасудите и подигањето на јавната свест за правата на лицата со интелектуална попреченост е исклучително важно, а медиумите се многу важни чинители во целиот тој процес. Исклучително е важно сите нивни активности да бидат проследени со медиумско известување и на тој начин да се афирмираат правата на лицата со попреченост пред јавноста. Затоа што без тој сегмент, дел од активностите нема да допрат до оние што ги носат одлуките кои се значајни за ваквата ранлива категорија на граѓани.
Ако нема квалитетно известување, перцепцијата за лицата со попреченост останува субјективна и подложна на предрасуди, во која доминира милосрдието и со тоа контрапродуктивна за нив, бидејќи ги остава “невидливи“ во медиумите, а со самото тоа се спречува и нивното вистинско учество во јавниот живот, како и целосно практикување на нивните човекови права и социјална инклузија. “Што можат медиумите да направат? Тие првенствено треба да се борат против предрасудите во јавноста дека лицата со попреченост се неспособни и беспомошни. Медиумските производи преку афирмтивен пристап, ослободени од сензационализам, драматизирање и сожалување, треба да ги прикажуваат нив како лица кои може да придонесат во сите области на живеењето со што ќе промовираат и поинклузивно и, со самото тоа, потолератно општество. На пример, некои од лицата што беа интервјуирани од нас, рекоа да им пречи што нивните способности честопати се прикажуваат како суперхеројство“, потенцира Крстевски.
Тој препорачува покривањето на темите за овие лица да се подобри и по квантитет и по квалитет. Тоа значи дека е потребен поголем новинарски ангажман и поголема иницијатива за идентификувањето на теми и нивни конзистентно покривање – се до реакции на институциите. Мора да се подигне свеста меѓу самите новинари и уредници за употреба на коректна терминологија кон лицата со попреченост, да отстапат што поголем простор во своите програмски содржини во кои ќе ги презентираат нивните можности и способности и на тој начин да го поттикнуваат дискурсот на општествена нормализација. Но, за тоа се потребни континуирани обуки на новинарите, работилници и што почеста експлоатација на вакви теми во медиумите, И, се разбира, исто како и во случајот со етничките стереотипи и дискриминации и овие теми час поскоро да станат дел од наставните програми на високообразовните институции. Покрај, воспоставувањето на поцврста соработка меѓу медиумите и граѓанските организации – сојузништво за отворање и решавање на вакви прашања.
КОЛКАВА Е РОДОВАТА И ЛГБТИ ДИСКРИМИНАЦИЈАТА
Синергија меѓу невладиниот сектор и медиумите побара и Ирена Цветковиќ од Коалицијата “Маргини“ која е и истражувачка за родовите во медиумите, која беше панелист во делот од работилницата насловен како “Категории на родови, нееднаквости во медиумите и стереотипи кон ЛГБТИ популацијата. Родот, вели таа, ја истакнува социјалната и културната дистинкција, наспроти биолошката што е карактерична за полот. Процесот на учење на родот почнува од најмала возраст и никогаш не завршува, а родовата социјализација треба да биде поттикнувана во училиштетом средината, медиумите, други институции и самото општество како целина, кои треба да бидат еден вид агенси на родот. Секогаш кога поделбата на улогите се повикува на биолошки фактори, тие (улогите) стануваат основа и поддршка за родовите стереотипи.
Честопати во медиумите доминира суштинската нереалност или гледање на реалноста со “розови очила“. Таквото затскривање значи премолчување на сексизмот, предрасудите, расизмот, шовинизмот, експлоатацијата и други форми на нееднаквост меѓу родовите. “Привидната еднаквост е категорија која што многу често ја среќаваме. Тоа е една стратегија на камуфлирање на нееднаквостите. Па, во медиумите ќе се забележи избалансирано присуство на мажи и на жени. Но, ако ги разгледате подетално по рубрики – ќе забележи дека на насловните страни или на почетокот во глацвните рубрики – политика, економија, Македонија и свет – доминираат мажите, додека од средината кон крајот каде што се сместени информациите за култура, естрада, разонода и сцена – во апсолутно мнозинство се жените. Бројката е иста, но суштината е далеку од тоа, И, ова говори многу за родовата нееднаквост во медиумите“, децидна е Цветковиќ.
Таа упати и повик пред да се отвораат родово сензитивни теми и прашање, медиумите секогаш да имаат одредени информации и да следат одредени правила. На пример, кога станува збор за случај на силување, новинарот да не се интересира за самиот чин, затоа што тоа е исклучително трауматско за жртвата. Како и да се знаат светските трендови дека 80 отсто од ваквите случаи се пријавуваат години подоцна, пред воопшто да се постави прашање од типот “Зошто е пријавено толку доцна“.
Што се однесува до ЛГБТИ заедницата пак, забележани се мноштво техники на дискриминација. На пример, хомосексуалноста се претставува како психичко заболување што е најчест стереотип, иако е поминато половина век откако овој став е надминат. Затоа новинарите и медиумите имаат поголена одговорност да ги знаат овие факти, за да се разбиваат општо прифатените стереотипи од голем дел од граѓаните. На тој начин ќе се придонесе и за намалување на присутноста на говорот на омраза кон оваа ранлива категорија што во последно време е евидентно во јавноста. Но, според Ирена Цветковиќ, кога се појавува тој е најчесто во форма на одбрана на т.н. “нормален, здрав начин на живот“. Од тие причини, новинарите и медиумите треба да покажат поголема емпатија и етика кон овие ранливи категории на луѓе, да го познаваат системот на човекови права, да користат и цитираат извори на информации на вистински начин, да избегнуваат преекспонирање на одредени ситуации, да внимаваат на јазикот и стилот на пишивање и да бидат свесни за контекстот.
НОВИНАРСКИ ПРЕДИЗВИК ЗА ОБРАБОТКА НА ВАКВИ ТЕМИ
Од новинарски аспект или за тоа како новинарите гледаат на овие прашања, теми, проблеми и феномени се осврна Петар Клинчарски од “360 степени“. Вели дека од секогаш за него било предизвик да се работи на теми поврзани со ранливите групи на граѓани. Предизвик затоа што за голем број уредници и колеги сметаат дека тема за ранливи, маргинализирани групи е лесна на прв поглед. Но, кога новинарот треба да ја сработи таа воопшто не е таква.
“Ние претежно сме фокусирани на дневно-политички настани, со кои мора да се пополнат вестите или просторот во весниците и онлајн медиумите. Но, кога се работи таква тема, тогаш тоа е малку покомплексно, особено ако се работи за телевизиски производ во кој треба да се долови целата приказна. И, особено затоа што, начинот на презентирање во самите медиуми има клучна улога воа јавната перцепција за определна група и ние како новинари мора да внимаваме на јазикот со кој се изразуваме“, потенцира Клинчарски.
Она што за него е клучно, е тоа таквата приказна мора да биде ослободена од сензационализам, особено ако се известува за ЛГБТИ заедницата, трансродовите лица, сексуалните работнички, лицата без државјанство. Новинарските стандарди мора да се почитуваат, исто како и човечкото достоинство. Новинарите треба сами да ги бараат ваквите луѓе кои имаат што да кажат и раскажат за својот живот, но тоа да биде со реално прикажување на работите. Потребно е, вели тој, да се заштити идентитетот на соговорникот за да не биде изложен на жестока дискриминација и стигматизација од средината. Но, пред се треба да се стекне неговата доверба, за да ги добиете вистинските одговори.
Се разбира, исклучително е значајна улогата на професионалните медиуми во разобличувањето на стереотипите што масовно се применуваат и на други платформи. Но, проблем што останува на површина е што овие прашања и теми, честопати се игнорираат. До степен, по кој е видливо дека се губи комуникацијата со обичниот граѓанин, а повеќе од неопходно е истата да се врати. И, затоа е добро да се повторуваат обидите за што почесто отворање на ваквите теми во јавноста, за да успеат да се изборат со доминантниот политички наратив и да си заземат просторот во јавноста што заслужено им припаѓа.