ПРАВИЛНИК ЗА РАБОТА

ПРАВИЛНИК ЗА РАБОТА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ   ПРИ СОВЕТОТ   ЗА   ЕТИКА   ВО   МЕДИУМИТЕ   НА   МАКЕДОНИЈА

Член 1

Комисијата за жалби ја именува Управниот одбор на СЕММ. Таа е составена од 7 члена, од кои:

-двајца претставници на сопствениците на медиумите;

– двајца претставници на новинарите и

– тројца претставници од јавниот живот.

Нивниот мандат е четири години, со можност за уште еден реизбор.

Член 2

Член на Комисијата за жалби може да биде разршен од должноста пред истекот на мандатот на лично барање, ако неоправдано не присуствувал на три седници, ако со своето однесување го крши угледот на Комисијата за жалби. За престанок на должноста расправа и одлучува Управниот одбор на СЕММ.

Член 3

Комисијата за жалби ги разгледува сите пристигнати жалби поврзани со кршење на професионалните и етичките стандарди во пишаните (печат и новински агенции), електронските (ТВ и радио) и во интернет медиумите во Македонија.

Анонимните жалби не се разгледуваат.

Член 4

Жалба поврзана со објавените содржини во печатени, електронски и онлајн медиуми може да поднесе секој граѓанин, правни лица, граѓански организации и меѓународни организации. Жалбата може да се поднесе против одреден медиум. Жалби против поединечни новинари не може да се поднесуваат.

Член 5

Жалбите се поднесуваат писмено и по електронски пат до Извршната канцеларија на СЕММ, според процедура којашто е определена од страна на Извршната канцеларија, а одобрена од Управниот одбор. Жалба може да се поднесе во рок од 30 дена откако  е објавен новинарскиот текст/прилог.

Член 6

Извршната канцеларија на Комисијата за жалби, во консултација со Претседателот на Комисијата за жалби, е должна да испита дали жалбата е во рамки на надлежностите на СЕММ.

Член 7

Доколку жалбата не е во надлежност на СЕММ, Извршната канцеларија, по претходна консултација со Претседателот на Комисијата за жалби, може да ја одбие жалбата и да го извести подносителот за причините поради кои е одбиена. Извршниот директор веднаш ја известува Комисијата за одбиените жалби.

Член 8

Комисијата за жалби може да ја одбие жалбата и во тој случај мора да го извести подносителот на жалбата за причините. 

Член 9

За жалбите кои се во надлежност на СЕММ се отвора предмет со досие, кое се означува со архивски број.

Член10

Комисијата за жалби се состанува најмалку еднаш месечно. Одлуките се носат со консензус или со мнозинство гласови од вкупниот број членови, доколку тој не може да се постигне.

Член11

Пред почетокот на секоја седница на Комисијата за жалби нејзините членови се изјаснуваат дали имаат судир на интереси за предмет за кој  треба да се расправа. Членот кај кој постои судир на интереси се иззема од расправата по тој предмет.

Член12

Доколку се јави потреба, тогаш Комисијата за жалби може да работи според принцип на член-известител, кого го определува Претседателот на Комисијата. Членот-известител е должен да ги информира другите членови на Комисијата за жалби за предметот на работа.

Член13

Комисијата за жалби е должна да ги разгледа сите жалби за кои е надлежна да решава, барајќи од поднесителот на жалбата, како и од медиумот против кој е поднесена жалбата, да ги достават сите неопходни факти и информации. Сите прибрани информации се приложуваат во досието на предметот.  Медумот против кој е поднесена жалба, во рок од 7 работни дена, треба да одговори на барањето на Комисијата за жалби и да ги достави бараните информации.

Член14

Извршната канцеларија, во зависност од сложеноста на предметот, мора да иницира и помирување на страните во спорот, како и да побара медиумот да го искористи своето право на одговор на подносителот на жалбата, односно да ги образложи своите мотиви и аргументи зошто го објавувил прилогот/текстот.

Член15

Извршната канцеларија, преку извршниот директор, е должна да и ги претстави на Комисијата за жалби  сите случаи против кои е поднесена жалба, заедно со целокупниот собран материјал од спроведеното прибирање докази, како и исходот од  евентуалното помирување меѓу двете страни, доколку такво било иницирано.

Член16

Комисијата за жалби има рок од еден месец да се произнесе по предметот, освен доколку не постојат оправдани причини за продолжување на рокот, но не подолго од три месеци.

Член17

Одлуката која ја донела Комисијата за жалби треба да му се испрати на  медиумот во рок од седум дена и да ја постави на веб – страницата на СЕММ, како и да ја објави на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер.

Член18

СЕММ ќе бара од прекршителот да ја објави одлуката на истото место каде што бил објавен и текстот / прилогот со кој е прекршен Кодексот. Комисијата за жалби е должна да го извести Управниот одбор на СЕММ за сите ситуации во кои медиумите не ги објавиле нејзините одлуки. Доколку одлуката не биде објавена во рок од три дена, по електронски пат, до сите медиуми се доставува информација за донесените одлуки, со препорака да бидат објавени. Објавувањето е бесплатно во сите медиуми – членки на СЕММ. СЕММ на тромесечна основа ќе ја известува јавноста за тоа кои медиуми не ги објавиле одлуките на Комисијата за жалби.

Член19

Документацијата за сите предмети треба соодветно да се архивира  и да се чува најмалку 5 години во архива. Документацијата е достапна на јавноста, освен во случај доколку тоа е спротивно на Законот за пристап до информации од јавен карактер.

Член20

Комисијата за жалби разгледува и жалби против медиуми кои не се членови на СЕМ. Процедурата и за овие жалби е иста како онаа што се применува за членките на СЕММ.

Член21

Членовите на Комисијата за жалби немаат право да ги образложуваат и коментираат донесените одлуки во јавноста. Предметите и одлуките можат да бидат образложени од друг член на Комисијата доколку членовите на комисијата се договорат или доколку се добие овластување од Претседателот или неговиот заменик. Комисијата за жалби во јавноста ја претставува претседателот, а во негово отсуство, неговиот заменик или извршниот директор.

Скопје, 30 март 2017 година

Scroll to Top