Преку поддршка на саморегулативниот медиумски систем до кредибилни и професионални медиуми

Датум средба/настан: 30.09.2021
Тема/наслов на настанот: Саморегулацијата и нејзиниот развој и предизвици

Регион: Полошки

Преку поддршка на саморегулативниот медиумски систем до кредибилни и професионални медиуми

Советот за етика во медиумите на Македонија на онлајн средба разговараше со новинарите кои известуваат од Полошкиот регион за важноста на саморегулацијата кај медиумите и за потребата од системска поддршка за СЕММ.

На средбата беше констатирано дека механизмот на саморегулацијата во медиумската сфера е битен за новинарите и медиумите самите да можат да влијаат во  регулирањето на својата работа. Во спротивно, доколку медиумите самите не договорат механизам на поддршка одвнатре, тогаш тоа ќе го направат други, односно тоа ќе го направи државата, рекоа дел од учесниците, нагласувајќи дека доколку тоа се случи тогаш негативно ќе влијае врз независноста на медиумите и врз кредибилитетот на нивната работа..

Ако медиумите се чувари на демократијата, се поставува прашањето кој ќе ги чува новинарите од злоупотреби, од непрофесионализам во новинарството, од тие што ја злоупотребуваат професијата.

„Ако се смета дека саморегулацијата се обидува да воспоставува одредени правила за медиумите, тоа не значи дека може, на некој начин, да ги цензурира или да воспостави механизми на цензура, туку напротив, таа е многу битен механизам зашто ги поставува и ги брани принципите на етичкото, точното и објективното новинарство кое ги почитува човековите права, а ја почитува и слободата на уредувачката политика. Медиумската саморегулација претставува механизам кој прави рамнотежа помеѓу слободата на медиумите и тенденцијата таа да биде злоупотребена“, рече д-р Тахири, член на Комисијата за жалби. Според него, доколку се воспостави добар саморегулативен систем во земјата, тогаш членките, на некој начин, ќе бидат во предност поради почитувањето на етичките и професионалните стандарди и принципи. Со тоа би се направило разграничување, помеѓу вистинските и  кредибилни медиуми наспроти непрофесионалните. Само со заеднички сили и напори помеѓу сите медиумски кредибилни фактори во земјата може да дојдеме до една точка кај што првично ќе имаме оптимален медиумски систем, со кредибилни медиуми.

Што се однесува до системот на самоoодржливост на СЕММ, којшто досега се одржуваше благодарение на меѓународни донаторски проекти, се доаѓа до одреден момент кога ќе треба да се размислува и за самоодржливост, односно да се подготви стратегија не само за финансиско одржување, туку и за самоодржување и по други основи, како ресурси, кадар и сл.

„Во некои земји, како, на пример, Германија, тоа го прави државата, што за наши услови, каде што демократијата е мошне кревка, тоа не би бил најсоодветен избор, бидејќи на тој начин Советот за етика би можел да ја изгуби својата независност. Размислувањата  одат и во правец на уплата на членарина која што би ја плаќале медиумите и која би била во вид на минимален износ во зависност од обемот и типот на медиумот. Исто така, има размислувања членарината да биде услов за зачленување на медиумот во Советот за етика и услов да се биде дел од Регистарот на онлајн професионални медиуми“, рече д-р Тахири.

„Членарината може да се дефинира на начин така што би била градирана по различни критериуми, односно да се утврдува во согласност со претходно усвоен правилник од сите членки на СЕММ. Како за пример, ЗАМП (Здружението за заштита на авторски музички права) ги задолжува своите членки да уплатат членарина во согласност со доставената завршна сметка“, истакна новинарот Зоран Маџоски.

Оваа средба е дел од серијал на дебати и средби кои Советот на етика во медиумите ги организира со медиумите од сите региони во државата во рамки на проектот „Поддршка на слободата на изразување во медиумите во Северна Македонија“ што го имплементира СЕММ со поддршка на делегацијата на ЕУ.

Scroll to Top