Од проблем до решение – млади во Гевгелија учеа како функционираат медиумите на заедницата

Работилница со млади Гевгелија 2

За време на работилницата, организирана од Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Институтот РЕСИС, преку проектот „Медиуми на заедницата за посилно граѓанско општество“, гимназијалците од Гевгелија и Богданци, членови на училишни новинарски клубови, како и студентите по медиумски студии од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип,  се запознаа со особеностите на медиумите на заедницата, како и со основите на медиумската етика, а низ практични примери вежбаа и разработуваа теми од јавен интерес.

Снежана Трпевска, претседателката на РЕСИС, ги запозна младите со основните обележја на медиумите на заедницата, а низ примери од светски и регионални искуства, укажа на придобивките од засилувањето на гласот на заедниците за локалната демократија.

Работилница со млади Гевгелија 1

 

Преку примерот на онлајн платформата „Локал Актив“, каде новинари, активисти и млади од Македонија работат на откривање и решавање локални проблеми, Трпевска објасни како во пракса може да функционира една ваква симбиоза. Низ презентација на неколку конкретни теми и застапувања од редакциите на „Локал Актив“, младите видоа како овој процес изгледа во пракса – од првичната идеја, преку истражувањето и застапувањето до конечниот позитивен исход –  решение на проблемот.

Ваквите работилници им помагаат на учениците за активностите во новинарскиот клуб, потврди Ванеса Костадинова, ученичка во Средното општинско училиште „Богданци“:

„Да, новинарството го доживувам како хоби, бидејќи обожувам да пишувам, но и затоа што гледам дека имам некаков придонес во заедницата околу мене и тоа ме прави баш среќна. Ваквите обуки ни помагаат за да стекнеме различни ставови, ни помагаат уште подобро да ги пишуваме наредните проекти во училиште“.

Билјана Георгиевска, извршната директорка на СЕММ, ги запозна младите со основните етички и професионалните стандарди во новинарството, односно со важноста да се почитуваат начелата наведени во Кодексот на новинарите на Македонија,  потенцирајќи дека вистинитоста, професионалноста и објективноста не се формалности, туку темел без кој ниту еден медиум не може да ја заслужи довербата на читателите.

Георгиевска објасни и како функционира механизмот за поплаки до СЕММ, односно медиумската саморегулација – практична информација која им дава на младите активисти конкретна алатка за реагирање доколку се сретнат со манипулативна, неетичка или злонамерна медиумска содржина.

Работилница со млади Гевгелија 3

 

Во вториот дел од работилницата учесниците, средношколците и студентите, ги споделија своите досегашни искуства и идеи за идни новинарски приказни, работеа во групи и предлагаа конкретни локални проблеми кои, според нив, заслужуваат новинарска обработка. Тие добија фидбек од предавачите и нивните идеи се обликуваа во концепти за истражувачки стории, придружени со јасно дефинирани чекори како тие би можеле да се изработат и како во иднина би можеле да се застапуваат нивните општествени барања.

„Мислам дека ваквите обуки ни помагаат, за да го развиеме нашиот начин на размислување. Во иднина, во нашиот училишен новинарски клуб би се фокусирала на локалните проблеми и би пробала да го најдам наједноставното решение“, ни изјави Глорија Гешевиќ, средношколка од СОУ „Богданци“.

Работилница со млади Гевгелија 5

Обуката во Гевгелија отвори врата и за понатамошна соработка – младите добија увид во работењето на „Локал Актив“, со можност во иднина да се приклучат во редакциите, да пишуваат стории и активно да се вклучат во застапувачки процеси за решавање проблеми во нивните заедници.

 

 

*Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Советот за етика во медиумите на Македонија и Институтот РЕСИС  и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, „Цивика мобилитас“ или на организациите што ја спроведуваат.

Scroll to Top