На средбата со претставници на медиумите во Охрид и околината, членки на регистарот на СЕММ на професионални онлајн портали – Промедиа.мк, присутните отворија неколку интересни теми произлезени од нивното секојдневно искуство.
Новинарите бараат јасно разграничување меѓу „инфлуенсерите и новинарите“, со оглед на веќе раширената пракса – дел од инфлуенсерите да споделуваат информативни содржини преку социјалните мрежи, што не ги запазуваат основните стандардите за одговорна и етичка комуникација со јавноста, особено со младите.

„Разликата произлегува од фактот што инфлуенсерите, при комуникацијата со јавноста, ги рекламираат продуктите на своите спонзори, што ги става во ситуација на пристрасност, што пак се коси со основите на новинарството“ – посочија претставници на порталите на средбата со СЕММ.
„Во отсуство на дописничка мрежа во земјата, односно на се помал број новинари во помалите градови низ Македонија, на сцена стапуваат ПР тимовите на државните институции и функционери како нелојална конкуренција“ – забележуваат соговорниците на СЕММ, и додаваат дека наместо да се залагаат за максимална транспарентност на институциите, тие дистрибуираат до редакциите веќе монтиран видео материјал, по сопствен избор, најчесто некритички кон државните функционери.
Непрекинатото раситнување на медиумскиот простор, особено на интернет порталите, според претставниците на Промедиа, е веќе загрижувачки тренд што го урива квалитетот на медиумските содржини, поради што сугерираат создавање услови за здружување на новинарите во побројни редакции, со поголем уредувачки капацитет, како услов за поодговорни и разнородни содржини што ќе помогне за враќање на довербата во медиумите.
Во моментов, во регистарот „Промедиа.мк“ членуваат 115 интернет портали, со што доброволно се обврзуваат дека ќе го почитруваат Кодексот на новинари на Македонија и Насоките за етичко известување на онлајн медиумите. Членките на „Промедиа.мк“ се обврзуваат и дека ќе учествуваат во процесот на медиумска саморегулација со тоа што ќе објават одлука на Комисијата за жалби при СЕММ, во случај да е поднесена жалба против нивна содржина, и дека по барање на жалителот, доколку имаат пречекорено некое од правилата за одговорно и професионално новинарство – навремено ќе се извинат и ќе ја поправат грешката.