
Посебна сесија на дводневниот состанок беше посветена на новата регулатива на ЕУ за дигиталните платформи и медиумите – Актот за дигитални услуги (DSA), Актот за дигиталниот пазар (DMA) и Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA). Во овој контекст, меѓународниот експерт за слобода на говор и регулација на медиумите, др. Жоан Барата, пред учесниците на состанокот посочи можности за зајакнување на улогата на саморегулаторните тела, во согласност со стандардите на ЕУ, додавајќи дека и големите онлајн платформи треба појасно да ја препознаат улогата на професионалните медиуми, нивните уредувачки стандарди и механизмите за преземање одговорност.

Од своја страна, професорот др. Борислав Вукојевиќ, од факултетот за политички науки во Бања Лука, на сесијата со наслов „Вештачка интелигенција, новинарска етика и улогата на саморегулаторните тела на Западен Балкан во иднина“ – предизвика посебно интересирање со излагањето за можностите за напредно користење на ВИ во редакциите, осносно за неопходноста од редовни обуки за новинарите и другите медиумски работници за успешно да го следат технолошкиот развој, како додадена вредност во професијата.
Различни ставови, претставниците на саморегулаторните тела изнесоа во однос на нивната евентуална улога кон инфлуенсерите, кои во некои земји стануваат главен извор за информации на младите, или пак имаат значајно влијание за време на извори. Додека едни за залагаат за мапирање и разговор со дел од креаторите на содржини во онлајн просторот, други сметаат дека медиумите и инфлуенсерите немаат заедничко кога станува збор за професионалните стандарди, поради што Советите за етика во медиумите не би требало да го шират радиусот на делување.
Петтиот регионален состанок на медиумските саморегулаторни тела на Западен Балкан и Турција ја потврди неопходноста од соработка во регионот во името на поодговорното новинарство и заштитата на јавниот интерес, во момент кога медиумите се соочуваат со политички и економски притисоци, брзи технолошки промени, со содржини генерирани од ВИ и промена во начинот на кој публиката им пристапува на информациите.