Почитувани новинари, медиумски работници и сите чинители во медиумскиот сектор,
На 11 мај во 11:00ч во Europe House ќе има средба на која исто така може да се посочат сугестии во врска со нацрт-тектот на Кодексот.
Измените и дополнувањата на Кодексот на новинарите се спроведдоа во инклузивен и повеќефазен процес, со цел да се унапредат етичките стандарди во новинарството, но и да се усогласат со современите медиумски предизвици. Измените опфаќаат два дела: ревизија на постојните одредби и воведување нови правила кои одговараат на дигиталната ера и новите форми на известување.
При тоа измени се направени во Преамбулата, а корекции во членовите 1, 4, 6, 8, 10, 12, 14 и 17, со цел појаснување и зајакнување на професионалните и етичките стандарди. Дополнително, направени се измени и во завршните одредби.
Воведени се и три нови членови што се однесуваат на користењето на алатките за вештачка интелигенција во новинарството, на тајното прибирање на податоци и на известувањето за случаи на самоубиства и обиди за самоубиства.
Во моменталната работна верзија етичкиот кодекс брои осумнаесет членови.
На измените на Кодексот претходеа консултации со новинарската заедница, беа одржани неколку работилници и средби со новинари, уредници и медиумски работници од различни делови на државата, при што се собрани практични предлози и искуства.
Како дел од аналитичката поддршка за реформата, беа изработени два значајни документа за актуелните етички предизвици кои и нудат насоки за модернизација на новинарските стандарди. Тие се фокусираат на справување со дезинформации, говор на омраза, заштита на ранливи групи, проверка на факти и влијанието на новите технологии врз новинарската професија.
Се очекува процесот да резултира со јасен, разбирлив и применлив Кодекс што ќе им помогне на новинарите во секојдневната работа и што ќе помогне за зајакнување на професионалноста и етичкото известување, справување со дигиталните предизвици и новите технологии, како и зголемување на довербата на јавноста во медиумите преку поквалитетно и проверено информирање.
Работната група составена од претставници на Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми и Советот за етика во медиумите, одржуваше средби на кои беа разгледани примери и од други етички кодекси во регионот и во Европа.
Изработката започна во јули 2024 година, а новиот кодекс се очекува да биде промовиран во втората половина на 2026 година.