ЗОШТО САМОРЕГУЛАЦИЈАТА СТАНУВА ВАЖНА АЛАТКА ЗА ОДБРАНА НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ВРЕДНОСТИ?

Појавата на Интернетот во 90-тите години од минатиот век ги подели масовните медиумите во две поголеми групи: традиционални, – радио, телевизија, печатени медиуми, – и нови медиуми. Интернетот како платформа донесе динамична медиумска сфера, каде новите медиуми постојано добиваат нова форма, нов начин на пласирање на информации, наметнуваат ново темпо и нови модели во новинарството. Несомнено дека овие медиуми придонесоа во демократизирање на општествата, промовирање на либералните вредности и ја поттикнаа глобализацијата како процес, од кој добробит би имале сите граѓани на светот. Ако традиционалните медиуми се карактеризирани со висока контрола на протокот на информации, каде тој е еднонасочен медиум-публика, новите медиуми овозможуваат интерактивност во која и публиката станува создавач на содржини. Контролата врз тоа што ќе се објавува а што не, нема смисла кај новите медиуми од причина што скоро секој кој има пристап до Интернет мрежата може за неколку минути да креира свој сопствен медиум. Затоа, секој кој денеска има профил или страна на социјалните медиуми всушност поседува и медиум за комуницирање со јавноста.

Од друга страна, за разлика од новите, традиционалните медиуми подразбираат поседување на функционални и цврсти филтри за проверка на информациите, пред истите да бидат објавени. Првиот филтер е новинарот. Информациите кои ги добива, ги проверува со најмалку две извори. Потоа неговиот труд оди кај уредникот. Освен што го прави новинарскиот труд појасен, почитлив и поинтересен за пошироката публика, тој прави и проверка на факти. Дали сите изнесени информации кои ги содржи трудот се точни, дали имињата на соговорниците се точни, дали бројките се официјални, има ли спин од центри на моќ, може ли некој да покрене тужба по објавувањето, дали тврдењата се поткрепени со документи…

МЕДИУМИТЕ ВО ВРЕМЕ НА ГЛОБАЛИЗАЦИЈА – ЗНАЧАЕН ФАКТОР ЗА МИРОТ И СТАБИЛНОСТА

Од овој долг вовед произлегува дека двата вида на медиуми имаат предности и недостатоци. Без да генерализирам, сакам да истакнам дека не сите традиционални медиуми се професионални и кредибилни, и не сите нови медиуми се непрофесионални и ориентирани само кон сензационализам, брзина и број на кликови, допаѓања и споделувања. Но факт е дека феномените на лажна вест, дезинформација и пропаганда стана главна опасност за демократиите со појавата токму на новите медиуми. Ова значи дека Интернетот, покрај промовирање на демократските вредности, истовремено и ги загрозува тие вредности преку ширење на антивредности, кои подразбираат инсталирање на недемократски модел на општествено уредување. Со еден збор – Интернетот стана алатка за влијание на една држава врз друга, но и главно оружје во тоа што се нарекува „хибридна војна“.

Ваквото мешање во внатрешните работи на други земји е спротивно од Вестфалскиот мир, постигнат во 1648 по тридецениски крвава војна во Европа, кога и се родија модерните држави. Дотогаш, користењето на верата за интерферирање и влијание брз тековите во други земји, беше изворот на постојаните војни во стариот континент. Од тогаш, модерните западни држави се градат врз основа на Вестфалскиот модел на суверенитет, кој се заснова на немешање во внатрешните работи на друга држава.

Злоупотребата на интернетот за штетни влијанија е во спротивност и со новиот либерален светски поредок, заснован врз правила, кој беше создаден после Втората светска војна со цел да превенира нови воени судири од светки размер. Главното правило на овој поредок е почитување на суверенитетот на секоја држава, без разлика на односот на силите меѓу државите како главни актери на меѓународните односи. Тоа значи почитување на вољата на граѓаните и на најслабата држава, без разлика дали тоа му се допаѓа на некоја воено-економска посилна држава. Во овој контекст, руската агресија врз Украина е обид за рушење на светскиот поредок заснован врз правила и промовирање на нов светски поредок заснован врз силата.

МОЖНА Е РЕГУЛАЦИЈА БЕЗ ЗАГРОЗУВАЊЕ НА НЕЗАВИСНОСТА НА МЕДИУМИТЕ?

Загрозувањето на Весфалскиот мир и на Светскиот поредок во ера на глобализација и дигитализација, ги прави демократиите позагрозени а мирот поскршлив. Затоа, улогата на медиумите во целиот овој процес на одбрана на демократските вредности е голема и многу значајна. Проблемот станува посложен од причина што потребата за поголема регулација на медиумите, како заштита од таквите напади, може да ја премине границата на слободата на изразување, како основна демократска вредност. Просто кажано, проблемот кај демократските општества се појавува кога се отвора темата за разграничувањето на пропагандата со слободата на говор. Најдобар одговор на оваа дилема е саморегулацијата во медиумите, заснована врз етичките норми и професионалните стандарди, која се докажа како најефикасна заштита од натрапниците во медиумската сфера и ефикасна алатка за борба против дезинформациите.

Лажните информации се повеќе се користат како оружје во актуелниот свет на хибридни војни. Со тоа тие стануваат главен непријател на демократијата од причина што креираат опасно јавно мислење, базирано на лажна реалност и конструирани факти. Едно вакво јавно мислење потоа се преточува во официјални политики на една држава, со тоа што ја насочуваат истата во погрешен правец.

Тука логички се поставува прашањето зошто лажните информации се толку влијателни ако се лажни? Најсоодветниот одговор на оваа прашање ја дава науката. Една научна студија, која е резултат на набљудување на однесувањето на корисниците на Твитер, покажала дека на вистинските информации им биле потребни шест пати повеќе време за да стигнат до 1.500 корисници, во споредба со лажните информации кои истиот број на публика го достигнувале многу побрзо. Студијата покажала дека приказните изградени со лажни вести биле ретвитувани за 70 проценти повеќе од вистинските приказни. Истражувањето покажало дека лажните вести најмногу се шират меѓу луѓето од истата идеолошка група, создавајќи го притоа ефектот на „ехо комора“. Ова е парадокс поврзан со феноменот „ефект на илузорна вистина“, според кој самото повторување на информациите ги зголемува нејзините можности за веродостојност. Или, како што вели златниот совет на пропагандата: повторете лагата илјада пати и истата ќе стане вистина. Основачот на психоанализата Зигмунд Фројд, пак, уште на почетокот од 20-тиот го дал најдобриот одговор за појавата на лажните вести. Тој вели дека луѓето се склони да веруваат во лажни информации кои ги потврдуваат нивните верувања и ставови, и да ги отфрлат сите вистински информации кои ја демантираат нивната конструирана реалност. Првата ситуација Фројд ја карактеризира како „принцип на задоволство“, која означува исполнување на желбите и ги намалува тензиите, додека втората е „принципот на реалноста“, која не соочува со вистинската реалност, со сите непосакувани елементи.

Лажните вести се извор на проблеми и кај нас, во Република Северна Македонија. Големиот број на портали со време стануваат главен извор на (дез)информации. Со тоа, новите медиуми се повеќе го оформуваат јавното мислење и ја одредуваат јавната агенда во државата. Оваа сила на интернет медиумите наметнува и нова фаза во саморегулацијата. Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) неколку години наназад е главниот столб во зачувување на етичките и професионалните стандарди во овие медиуми, а истовремено ја води и борбата против пропагандата, лажните вести и токсичните медиуми. Во овој чувствителен процес е исто така важно да се зачува слободата на говор, на мисла, на информирање и сето тоа што е поврзано со јавниот интерес. Листата на професионални онлајн медиуми придонесе кон издвојување на професионалните од непрофесионалните, на вистинските од лажните, и на порталите за информирање од порталите за пропаганда. Сепак, се покажа дека досега ова било недоволно да создаде амбиент, во кој вистинските медиуми ќе бидат самоодржливи. Компаниите продолжуваат да рекламираат, а со тоа и да подржат, пропагандистички онлајн медиуми без импресум, а политичките партии продолжуваат да ги хранат со информации и пари, особено пред секој циклус на избори. Преку поагресивна промоција на листата на професионалните онлајн медиуми во јавноста, особено во политичката и бизнис сферата, истата би се воздигнала на ниво на главен патоказ кој би ја водел публиката кон медиуми со потврдени и квалитетни информации. Со оваа истовремено би се придонесувало и за поголема медиумска писменост.

Oвој новинарски текст е подготвен од авторот Џелал Незири ангажиран од Советот за етика во медиумите во Македонија, во рамките на проектот „Медиумска саморегулација: зајакнување на медиумскиот професионализам за јавно добро“ поддржан од УНЕСКО и не ги одразува ставовите на донаторот или нарачателот. 

Scroll to Top