Датум на средба/настан: 25.03.2022
Тема/наслов на настанот: Дискусија за етичката рамка
Регион: Североисточен плански регион
Новинарите од Североисточниот регион согласни за унапредување на етичката рамка и за независно новинарство
Медиумските работници од Североисточниот плански регион во земјава, заедно со Советот за етика во медиумите, дискутираа за унапредување на етичката рамка на денешната онлајн средба, на која учествуваа новинари и уредници. На почетокот на средбата, извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева зборуваше за потребата од унапредување на етичката рамка и етичките норми.
„Унапредувањето на етичката рамка значи прифаќање на одговорност кон јавноста и кон професијата. Тоа, во исто време, го заштитува и интегритетот на медиумите, особено во ек на кампањи со дезинформации“, истакна Тунева.
Членот на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија, Сефер Тахири истакна дека иако Кодексот на новинарите се однесува на сите новинари и се применува врз сите медиуми, тој e усовоен во 2001 година и затоа треба да се направи проширување на етичката рамка во медиумите. Тој се осврна на документот „Насоки за етичко известување во онлајн медиумите“, кој произлезе од фактот што e променeт досегашниот начин на создавање и ширење на информациите и постави нови предизвици за новинарите.
Тахири ги елаборираше насоките за сите членови на Кодексот, давајќи акцент на дополнителни насоки за известувањето на онлајн медиумите. Имено, тој истакна дека, меѓу другото, онлајн медиумите, според насоките, треба да се залагаат за транспарентност, а и за одговорност во однос на објавувањето коментари од читатели.
Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ истакна дека „досега се поднесени над 500 жалби од разни субјекти, што покажува дека саморегулацијата е препознаена како битен фактор за унапредување на медиумската сфера“. Адамчевски се заложи за подршка на саморегулацијата не само од медиумите, туку и од други општествени фактори, а особено од власта, која декларативно дава подршка на процесот.
Во дискусијата се приклучија и новинари од Североисточниот регион.
Ашмет Елезовски, новинар на повеќе редакции на ромски јазик како и Извршен директор на НРЦ медиа, истакна дека „денес се соочуваме со некоректни, нехумани и непроверени информации, кои само придонесуваат за нелојална конкуренција и гаснење на објективното и реално информирање.
Неџат Аќифи укажа на сè позачестената практика на „наметнување„ на готови прилози до редакциите од разни институции во државата. „Оваа пракса води кон гушење на независното новинарство, гушење на новинарската креативност, како и новинарската критичност“.
Со оваа се согласија и Адамчевски и Тахири, кои нагласија дека ваквата пракса која најмалку оди во прилог на развојот на медиумите и новинарство во целина треба да прекине.