Секој може да згреши
Секој новинар може да згреши, но важно од таа грешка да извлече поука. Како млад новинар во Програмата на турски јазик на МТВ бев уредник на вести. Тогашниот премиер Владо Бучковски беше во Бугарија, каде што се одржуваше самит на Ромите. Замолив некој од колегите да ја контактира дописничката од Бугарија за да даде телефонски извештај од овој Самит. Направив најава за веста, но не го преслушав извештајот. Наредниот ден се јавија од една ромска невлaдина организација која реагираше на извештајот од Бугарија затоа што Ромите биле именувани со навредлив термин. Ги прашав колегите и тие ми потврдија дека информацијата е точна. Знаев дека тој термин е навредлив за Ромите и затоа во мојата најава на извештајот го немаше навредливиот збор, но во извештајот од дописничката на почетокот беше користен овој термин. Многу од светските медиуми, меѓу кои и Би Би Си, во своите извештаи од настанот го користеа навредливиот термин за именување на Ромите, ама тоа за мене не беше оправдување. Се извинив, бидејќи јас како уредник на вести требаше да го проверам извештајот, иако се работеше за искусна дописничка која известуваше за повеќе медиуми во Турција. Не се чуствував добро бидејќи бев дел од работната група која го изготви Кодексот на новинарите на Македонија и за мене од голема важност е почитувањето на професионалните стандарди и етика. Но, сепак направив грешка. Ја прифатив грешката и настојувам да не ми се повтори.
Прекршувања на Кодексот поврзани со различностите
Кодексот на новинарите на Македонија во 2 члена ги регулира прекршувањата поврзани со известување за различностите.
Член 10:Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).
Овој член е стандарден за сите кодекси и се однесува за предрасудите и стеротипите, но во нашиот Кодекс оваа област е подетално обработена и е додаден говорот на омразата, кој е кривично дело и го нема во некои кодекси.
Член 11: Новинарот ќе се придржува и на општоприфатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.
Ваков член нема во другите новинарски кодекси, но работната група која го изработи Кодексот на новинари на Македонија сметаше дека е важно да се потенцираат овие различности. Кога се подготвуваше Кодексот, во 2002 година, свежи беа сеќавањата од судирите од 2001 година, кои завршија со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Етничката припадност како различност
Колку се чувствителни прашањата поврзани со меѓуетничките односи покажаа
настаните на скопското Кале кои се случија десет години по Рамковниот договор. Политичарите тогаш дадоа запаливи изјави, медиумите без да водат сметка за чувствителноста ги пренесоа овие изјави и придонесоа ваквите пораки да добијат поголема публика. Добро е што страстите брзо спласнаа и се смири состојбата.
На неколку наврати и турската заедница на која припаѓам беше цел на навредливи изјави пренесени од медиумите. За време на претходната власт, изјавата на тогашниот министер за информатичко општество и администрација Иво Ивановски : „Доста ни беше 500 години турско ропство“ предизвика лавина реакции и осуда од страна на турските партии и невладини организации. Министерот Ивановски, во изјавата, го најави новиот Закон за медиуми со кој ќе се стимулира македонската продукција на сметка на турските серии, што самото по себе не е спорно, но тоа го направи на сосема несоодветен начин. Големи реакции и осуда предизвика и изјавата на Драган Павловиќ-Латас: „Лажеш како Турчин“ за време на интервјуто на тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев на телевизија Сител.
Интересно е да се забележи дека кога нашата репрезентација постигнува успех на меѓународно ниво играчите се слават како богови, на никој не му смета мултиетничкиот состав на играчите и не се потенцира етничката припадност на тој којшто дал гол или асистирал. Така и треба да биде, бидејќи репрезентација значи дека тие нè преставуваат сите нас. Кога ќе се фатат криминаци без да има јавен интерес се кажува етничката припадност за да се оцрни, условно кажано, другата страна, иако се работи за македонски граѓани. За дел од медиумите за растот на бројот на заразени од Ковид – 19 во Чаир беа криви групирањата за Ифтар и етничките заедници кои живеат таму. Кога Аеродром стана лидер по бројот на заразени истите тие медиуми останаа неми.
Помалите заедници се маргинилизирани
Преставниците на помалите етнички заедници се маргинализирани од главните дебати во медиумите за прашања поврзани со иднината на нашата земја. Големите медиуми се на македоноски и албански јазик и ставовите што се промовираат во тие медиуми доминатно се поврзани со елитите на македонската и албанската заедница. Кога има недоразбирање помеѓу албанските и македонските политичките партии или помеѓу власта и опозицијата, ставовите на преставниците на помалите етнички заедници се прикажуваат како блиски до едната или другата страна, а не како различен став. .Ваквата логика ја имаат и државните органи. Охридскиот рамковен договор го потпишаа 2 македонски и 2 албански партии. На лидерските средби учествуваат само македонски и албански партии. Кога ќе се постигне договор партиите на помалите етнички заедници можат да бираат дали ќе дадат подршка или не, но неможат да го менуваат договореното решение. Во нашата земја консензусот значи договор постигнат помеѓу македонските и албанските политички елити. Десет насто од населението е исклучен од тој консензус.
Препораки за инклузивно новинарство
Медиумите во нашата земја се во голема мера политизирани. Политиката е доминатна тема на вестите. Гости во дебатните емисии се ограничен број на политичари и експерти кои зборуваат во име на сите граѓани. Добро би било медиумите да водат сметка за различностите кога вработуваат кадар, но тоа зависи од нивната добра волја. Во јавниот сервис кадровски постои етничка различност, како што е предвидено во законот. Добро би било да се подготват насоки за инклузивно новинарство од страна на медиумската заедница и невладиниот сектор. Обука на новинари, уредници, фоторепортери и сниматели за инклузивно новнарство е добра идеја. Ја подржувам идејата за специјализирани емисии, специјализиран канал или специјализиран интернет портал за инклузивно новинарство. Порано, како член на Управниот одбор на ЗНМ, имав средба со норвешкиот амбасадор со седиште во Белград и го прашав како неговата земја успева постојано да биде на светскот врв од аспект на слободата на медиумите. Одговорот беше: Со пари. Норвешка обезбедува пари за да се постигне инклузивно новинарство за сите заедници и групи во медиумите. Зошто и нашата држава во рамки на можностите не би го направила истото?