© Photo News
Дали појавата на Интернетот и економските кризи ширум светот имаа негативно влијание врз квалитетот на новинарството?
Интернетот има свои предности и недостатоци. Со оглед на брзината и сѐ поголемата конуренција, секогаш постои опасност дека новинарите ќе објавуваат содржини пред целосно да ги проверат информациите во нив. Во таа смисла, Интернетот не смее да преидзвика новинарите да објавуваат недоволно проверени информации. Нашиот Кодекс содржи експицитна одредба дека новинарот мора да ги провери информациите, дури и доколку тоа предизвикува одложување на објавувањето.
Имаме и нова Директива за корекција на онлајн содржини којашто гласи: „Ако се направени сериозни грешки при известувањето онлајн, не е доволно да се отстрани или ажурира содржината, туку новинарот треба да ја признае грешката и да објави исправка“.
Интернетот, секако, содржи и голем обем лажни информации, но тоа не треба да го парализира новинарството. Напротив, новинарството мора да докаже дека се дистанцира од непроверените информации и лажните вести на Интернет, преку придржување до етичките кодекси и преку учество во системот на саморегулација.
Економската криза доведе до потребата од големи заштеди во новинарството, а тоа, секако, значи и ризик. Но, економската криза не е единствената причина што предизвикува проблеми, туку и фактот дека приходите од рекламирање веќе не одат толку многу кај редовните издавачи и радиодифузери, туку на Фејсбук, Гугл и др. Издавачите и радиодифузерите ќе треба да развиваат нови модели за приходи за да се справат со таквата еволуција. А, јавноста мора да разбере дека треба да плати за новинарството. Бесплатното новинарство не постои. Економската криза и намалените приходи од рекламирањето, исто така, водат до зголемена концентрација на медиумите. Ова бара претпазливост, затоа што може да претставува ризик за медиумскиот плурализам.
Каков е генералниот став на медиумите во Вашата држава кон новинарската етика и саморегулаторните тела?
Околу 97 проценти од големите и средните медиуми учествуваат во нашиот Совет за етика во медиумите и плаќаат годишен надомест за нашата работа. Секако, не ги знаеме сите мали портали, па и оние кои што ги води еден човек, но, секако, ги разгледуваме жалбите против нив. Повеќето лојално соработуваат доколку има жалба против нивното известување.
Весниците и списанијата се членки преку нивната асоцијација. Асоцијацијата на печатени медиуми обединува осум национални весници, вклучувајќи ги и нивните портали. Асоцијацијата на списанија има 600 членки. Преку членството во нивните асоцијации, сите весници и списанија се, исто така, и членки на нашиот Совет. Асоцијацијата на онлајн медиуми обединува 9 најголеми портали, а Асоцијацијата на регионални телевизии обединува 10 регионални ТВ – станици. Другите медиуми, како што се новинските агенции и националните радио и ТВ – станици, директно се членки на нашиот Совет.
Дали Вашиот систем на медиумска саморегулација помага да имате попрофесионални и послободни медиуми?
Кога Владата или Парламентот преземаат иницијативи или носат законски решенија што можат да ја загрозат слободата на медиумите, лобираме да го спречиме тоа и да дадеме до знаење дека системот на саморегулација е доволен и е подобар од владината регулатива.
Во однос на професионализацијата на медиумите, нудиме работилници за професионална новинарска етика. Медиумите можат да се пријават, но повеќето медиумски компании самите организираат вакви работилници и обуки, а тоа, секако, е идеално за нас.
Како Вашиот совет за етика ги третира медиумите кои што не ги почитуваат неговите одлуки?
Работиме само врз основа на претставки и не ги набљудуваме медиумите. Тоа е фундаментален избор бидејќи не сакаме да изиграваме „медиумска полиција“. Но, сакаме да ја обновиме довербата на јавноста во медиумите, ако е загрозена или изгубена, но дефинитивно не сме медиумска полиција. Освен тоа, практично е невозможно да се набљудуваат сите медиуми.
Дали имате сознанија за зголемување на лажните вести и говорот на омраза во Белгија?
Една неодамнешна студија покажа дека проблемот со лажните вести во Фландрија е помал отколку на друго место, но тоа, секако, не значи дека можеме да го негираме. Нашиот Совет за етика не смета дека е негова мисија да се бори против лажните вести на социјалните медиуми. Постојат други иницијативи за ова, а Советот не треба да ги регулира социјалните медиуми како целина. Тој мора да даде до знаење дека новинарот не смее да шири лажни вести и дека постои разлика помеѓу новинарска грешка и лажни вести. Лажните вести значат намерно дистрибуирање лажни информации, со намера да се постигне политичка, финансиска или друга корист. Очекувам дека новинарите нема намерно да дистрибуираат лажни информации, но тие, секако, можеби ќе направат некакви грешки. Улогата на советите за етика е да ги спречат или поправат овие грешки и со тоа да ја задржат довербата во новинарството.
Говорот на омраза, првенствено, е проблем на социјалните медиуми. Во Фландрија, повеќето онлајн медиуми ја затворија можноста да се коментира на нивните текстови и содржини. Најголемиот популарен весник, каде што сѐ уште постои таквата можност, редовно ги набљудува коментарите, а главниот уредник ги објавува упатствата. Но, на профилите на весниците и списанијата на социјалните мрежи секој може да објави коментари, а ова е многу потешко да се следи. Сепак, но нашиот Кодекс има одредба дека медиумите треба да го прават тоа.
Всушност, нашиот Кодекс го определува следново околу набљудувањето на коментарите на веб-страниците или на профилите на медиумите на социјалните мрежи:
„Уредниците мораат да ги модерираат своите веб-форуми и социјалните медиуми со целосна независност. Нивна одговорност е да избегнуваат и да отстрануваат несоодветни содржини што е можно побрзо.“ Ова се однесува на набудување на коментарите на онлајн медиумите и на профилите на весниците, списанијата, ТВ – станиците итн. на социјалните медиуми.
И, на крај, секако е важно да споменеме дека нашиот Совет, исто така, работи на жалби против новинарски постови на социјалните медиуми, под услов да се работи за новинарска содржина и новинарот да го објавил тој пост во својство на носител на професијата.
Што мислите за тенденциите да се воведе законска регулатива за содржината на онлајн медиумите. Какво е искуството во Вашата држава?
Содржината на онлајн медиумите може, но не смее да биде регулирана повеќе од печатот, радиото или телевизијата. Треба да има колку што е можно помалку регулација и максимална слобода на медиумите. Владата никогаш не треба да се меша во новинарските содржини, независно од видот на медиумот.
Новинарството мора да се разликува од другите информации на Интернет преку вистинитоста и независноста. Овие се основните принципи на новинарската етика. Новинарството ќе преживее само ако е вистинито и независно. Забележувам дека медиумите и новинарите сега посветуваат повеќе внимание и покажуваат поголем интерес за професионална етика отколку пред триесет години, затоа што разбираат дека ќе преживеат само доколку се придржуваат кон етичките правила. Само на овој начин можат да се разликуваат од полувистините и лагите на Интернет и само така ќе можат да го задржат својот кредибилитет пред јавноста и да ја убедат да плати за новинарството.
Наместо да ги регулира онлајн медиумите, властите подобро да го поддржуваат системот за саморегулација. Ова е единствениот систем што може да го комбинира одговорното новинарство со слободата на медиумите.
Од друга страна, Советот за етика треба да е инклузивен систем и да го шири своето членство. Со тоа што стануваат членки на ваквото саморегулаторно тело, медиумите се залагаат да се придржуваат кон Кодексот и да соработуваат во процесот на обработка на претставките доколку се нарушени етичките стандарди. Преку исклучувањето на медиумите ќе се придонесе во промовирањето на владина регулација и тоа е она што сакаме да се избегнеме. Единствениот добар систем, според тоа, е Советот за етика да инволвира колку што е можно повеќе медиуми.
Воведувањето нови законски ограничувања во онлајн сферата значи реален ризик за слободата на изразување и слободата на медиумите. Оттука и фактот дека само советите за етика и системите на саморегулација можат да понудат решение.