Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Советот за етика во медиумите ги објавија првите Насоки за етичко известување на онлајн медиумите во Северна Македонија

„Етичките стандарди треба да се применат на сите медиумски платформи бидејќи етичките предизвици на новинарството се валидни и офлајн и онлајн“, рече Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Извршната директорка на Советот за етика во медиумите, Марина Тунева, вели дека во сите демократски општества саморегулацијата е најдобриот начин да се зголеми одговорноста на онлајн медиумите и да се превенира носењето непотребна медиумска регулатива. Околностите, како во работењето на традиционалните, така и во онлајн медиумите, брзо се менуваат што бара постојано унапредување на етичката рамка.

„Се надеваме дека овој саморегулаторен инструмент ќе ги мотивира онлајн медиумите да ги опфатат вредностите на професионалното и одговорното новинарство во својата работа“, рече Тунева.

„Целта на Насоките е да послужат како инструмент којшто ќе помогне во решавање на дилемите околу аспектите поврзани со новинарските содржини што се објавуваат онлајн. Тие аспекти не се опфатени или не се објаснуваат детално во сегашната етичка рамка. Суштинска задача на нашиот Совет е да се зајакне и да се врати јавната доверба во новинарството. Во оваа смисла, ќе продолжиме да се залагаме за примена на етичките стандарди ширум различните медиумски платформи“, заклучи Тунева.

Насоките, достапни на https://semm.mk/dokumenti/korisni-resursi/kodeks/850-nasoki-za-etichko-izvestuvanje-na-onlajn-mediumite, се однесуваат на сите информации и содржина што ги објавуваат оналјн медиумите, на социјалните мрежи или други онлајн платформи.

logo SEMM 2 2 2 2 2obse

 
Scroll to Top