Совет за етика во медиумите на Македонија организираше онлајн средба со медиуми од Југозападниот регион

Медиумските работници од југозападниот регион во земјава, заедно со Советот за етика во медиумите, денеска дебатираа за известувањето во услови на Ковид – 19. Според СЕММ, едностраното и сензационалистичкото информирање биле главните нарушувања во информирањето на медиумите коишто биле пријавени до ова саморегулаторно тело. Се реагирало и на нарушувањето на човековите права во информирањето и запоставувањето на  ранливите групи во општеството. Советот за етика учествувал во иницијативи за надградба на етичката рамка во информирањето, креирани се Насоки за инклузивно известување за ранливите групи во општеството, како и Насоки за етичко известување во онлајн медиумите.

Од страна на СЕММ беа презентирани  податоците од анализите  во делот на саморегулацијата, а  свои искуства околу предизвиците за време на пандемијата изнесоа и новинарите, дописниците и уредниците од регионот.

„Има пријавување на случаи кои ги поткрепуваа теориите на заговор, непочитување на приватноста и личните податоци при известување на заболени од корона вирусот. Воедно медиумите пријавуваа случаи на  отежнат пристап до информации од јавен карактер“, истакна извршната директорка на Советот за етика, Марина Тунева.

Координаторот на програми и прием на жалби во СЕММ, Даниел Димитриески информираше дека  двојно повеќе е зголемен  бројот на жалби во 2020 година.

„Во 2020 година добивме вкупно 140 жалби, што всушност претставува зголемување од околу 50% споредбено со претходната година, односно со 2019 година, каде што добивме 83 жалби. Од вкупните жалби беа донесени 109 одлуки, а останатите  18 беа идентификувани како неосновани. Годинава заклучно со  месец јуни поднесени се   95 жалби, што значи  споредбено со минатата година имаме повторно  зголемување“, појасни Димитриески.

Во рамките на дебатата, медиумските работници забележаа дека  најголемиот проблем со кој се соочија во Ковид – кризата беше отежнатиот пристап до информации од јавен карактер и недостатокот на информации од страна на јавните институции. Предизвик  биле бројните дезинформации кои се појавуваа по социјалните медиуми, но и нестабилната  економска состојба, откажувањето на рекламите, недостигот на финансии во регионалните и локалните медиуми.

11

Онлај средбата  беше организирана  во  рамките на проектот ,,Поддршка на слободата на изразување во медиумите во Северна Македонија’’ што го имплементира  СЕММ со поддршка на делегацијата на ЕУ во земјава.

СЕММ апелира на редовно поднесување пријави за случаите за непрофесионално и неетичко известување, со пополнување на формуларот на веб страницата www.semm.mk.

Серијалот средби за медиумско известување во услови на Ковид 19 досега се одржа во Југоисточниот, Источниот, Полошкиот и Југозападниот плански регион, а  ќе продолжи и во останатите региони во земјава.

13

Scroll to Top