Се однесува на цел еден спектар на негативен говор, протегајќи се од говор кој изразува, поттикнува, повикува или промовира омраза, до навредливи зборови и епитети, па дури и екстремни примери на предрасуди или стереотипи. Покрај директниот говор, говорот на омраза вклучува и многу други форми на изразување.
Начинот на кој медиумите ги претставуваат и им овозможуваат гласност/видливост на различните општествени актери, односно начинот на кој се фокусираат или ги врамуваат негативните појави и процеси, може и ненамерно да поттикнува стереотипи, нетрпеливост, лош или говор на омраза, наместо да се бори против нив.
Дали медиумите се креатори на говорот на омразата? Можат да бидат и да ги оквалификуваме и како такви, но тие повеќе се канал и инструмент за негово ширење, креиран од политиката-политичките партии, власта, институциите и од радикалните општествени групации, итн. Токму затоа не истакнуваме дека само медиумите произведуваат и објавуваат или емитуваат говор на омраза.
Но, улогата на медиумите е голема во процесот на ширење на говорот омразата и создавање поволна клима за тој да добива на интензитет.
Токму затоа, новинарите, уредниците, а особено главните уредници, како главни креатори на уредувачката политика и одговорни за објавените содржини во медиумите имаат голема одговорност, пред сè пред јавноста, бидејќи говорот на омраза и изразите што содржат негови елементи имаат штетно влијание доколку се шират преку средствата за масовна комуникација.
Новинарите, а особено уредниците на медиумите треба секојдневно да се ангажираат да спречат говор на омраза во медиумите, а не самите да бидат тие кои што ќе го шират.
Советот за етика во медиумите во февруари организираше работилница со тема „Улогата на редакциите во спречувањето на говорот на омраза, дискриминацијата и дезинформациите“. Учествуваа искусни новинари и уредници на контактни емисии, во кои често се употребува говор на омраза.
Столе Наумов, водител и уредник на емисијата „Стадион“ на радиото Канал 77, смета дека медиумите треба умешно да разликуваат говор на омраза од клевета и навреда. „Мојот праг на границата што е говор на омраза е многу висок, затоа што постои ризик говорот на омразата да се користи против новинарите и да им се наметне цензура од страна на политичарите или оние кои се обидуваат да ги контролираат медиумите“.
Новинарите постојано пишуваат за различностите, за разликите кои се темелат на етничка припадност, религија, раса, пол, сексуална припадност, социјално потекло, итн. Тргнувајќи од овој факт, кога пишуват за сензитивни општествени теми, тие можат да предизвикуваат омраза.
Но, ова не значи дека медиумите треба да се воздржат и да не известуваат кога говорот на омраза произлегува од устата на различни општествени актери. Но, особено е важно новинарите и уредниците да не бидат автори или, пак, да репродуцираат говор на омраза. Кога известуваат треба да идентификуваат говор на омраза кај други, пред сè кога станува збор за изјави и интервјуа на политичарите и јавните личности и,на тој начин, да ѝ предочат на публиката кој користи таков говор. Од друга страна, ако пораките содржат директен говор на омраза тие не треба да се објавуваат, затоа што токму објавувањето е повреда на слободата на изразување.
Новинарите и уредниците треба да бидат многу внимателни и селективни кога се работи за директен говор на омраза, поради фактот што живееме во поднебје со етнички и религиозни специфики.
Земајќи предвид дека говорот на омразата може да потикнува насилство, дискриминација, да поттикнува или оправдува ксенофобија, антисемитизам и други форми на нетолеранција, потребата од негово ограничување е оправдана.
Токму затоа уредниците треба да бидат претпазливи, а особено во случаи кога истиот говор води кон насилство, а е изразен од страна на публиката.Пред сè, се мисли на коментарите кои се објавуваат на онлајн медиумите. Оттука улогата на уредниците во овие медиуми е многу битна. Имено, онлајн медиумите, како и традиционалните медиуми имаат одговорност да не објавуваат коментари кои можат да го достигнат нивото на говор на омраза, надминувајќи ги границите на јавната критика.
За разликување на овие две форми и неширење на говорот на омраза во медиумите, уредниците треба да ја зацврстат нивната улога во рамки на редакциите. Тие не треба да бидат само селектори на информациите, собрани од страна на новинари кои поради разни фактори, особено во одредени медиуми наклонети кон власта, се обични трансмитери на искажувањата на политичарите кои неретко содржат и етнонационалистички и агресивен пропагандистички дискурс.
Кога се работи за директно вклучување во живо во телевизиските или во радио програмите, уредниците, односно водителите на емисиите, треба веднаш да се оградуваат и да ги повикуваат тие што шират насилство и говор на омраза да не употребуваат ваков речник.
Огнен Јанески е водител и уредник на емисијата „Очи в очи“ на ТВ 24. Смета дека кога станува збор за пандемијата имаше многу дезинформации и говор на омраза, на кои беше невозможно да се дадат вистинските одговори кои ги очекуваа гледачите. „Кога зборуваме за говорот на омразата контактните емисии, според мене, станаа штетни во општеството“, истакна Јанески.
Тој смета дека иако новинарите не се едукатори, сепак треба да им воочат на граѓаните кога користат говор на омраза.
Од друга страна, пак, Столе Наумов е со став дека во контактните емисии нема многу говор на омраза споредено со периодот пред 4 години или, пак, со социјалните мрежи, на кои луѓето можат да бидат и анонимни. „Мојата идеја и мојата намера е секогаш да се пуштаат слушатели кои искажуваат нешто што е на граница со говорот на омраза отколку тој говор да се излие на улица и да има инциденти“. вели Наумов.
Кога се работи за директно вклучување во живо во телевизиските или во радио програмите, уредниците, односно водителите на емисиите, треба веднаш да се оградуваат и да ги повикаат тие што шират насилство и говор на омраза да не употребуваат ваков речник.
Зоран Фиданоски, новинар и член на Советот на Агенцијата за аудио и аудивизуелни медиумски услуги има поригиден став во однос на пристапот кон слушателите/ гледачите кои се вклучуваат во живо.
„Доколку во емисија во живо се користи експлицитен говор на омраза водителите се должни да ги предупредуваат граѓаните дека тоа е говор на омраза и не смее да се користи, а доколку продолжат буквално треба да се прекинат“, рече Фиданоски на работилницата на Советот за етика во медиумите.
Истото треба да се случува кога има директни пренесувања на настани како што се протести, демонстрации или немири, а ако се случи да има говор на омраза треба да интервенираат и да се дистанцираат на јасен начин.