Денеска, Совет за етика во медиумите на Македонија организираше онлајн средба со медиуми од Полошкиот регион. Темата на средбата беше „Медиумското известување во време на Ковид-19 – искуствата на СЕММ“.
На настанот претставниците на СЕММ ги презентираа наодите од статистичкиот преглед на добиени жалби и донесени одлуки од страна на Комисијата за жалби при СЕММ, со особен фокус на известувањето на медиумите за време на пандемијата. „Сензационалистичко информирање, едностраното известување, недостигот на дистанца од политичките субјекти за кои што се информира, се главните забележани појави на нарушување на Кодексот на новинарите на Македонија“, истакна директорката на СЕММ, Марина Тунева.
Компаративниот преглед на регистрираните појави на неетичност во информирањето, пријавени до регионалните совети за етика, покажуваат на слични проблеми во известувањето. Пандемијата предизвикала ограничен пристап до информации, а во одредени случаи и загрозување на слободата на изразување.
„Лани добивме најголем број на жалби досега. Минататa, 2020 година имавме 140 жалби. И тоа е речиси двојно повеќе од минатата 2019 година. Споредбено, во 2019 година имавме 83 жалби. Во 2020 година донесени се 109 одлуки, а 18 жалби се дефинирани како неосновани, 13 жалби се решени по пат на медијација, односно помирување помеѓу страните. Во 2020 година, 15% од жалбите се решени со медијација, а во 2019 година само 4% се решени со медијација, што укажува дека се почесто медиумите се спремни да соработуваат со саморегулативното тело. Годинава до денес се добиени 93 жалби, очекуваме повторно пораст за 20 до 30 % во 2021 година“, истакна Даниел Димитриески, Програмски координатор во СЕММ.
На настанот, присутните беа информирани и за придобивките од креирањето на Регистарот на професионални онлајн медиуми. Апелирајќи за натамошна вклученост на медиумите во поддршката на саморегулацијата, СЕММ информираше и за иницијативите за координација, како во рамки на професионалната медиумска заедница, така и со други релевантни чинители, како што е бизнис секторот.
„Придобивките од поддршката на работењето на СЕММ, значат спречување на влијанија врз медиумите од страна на центрите на моќ, како и поттикнување на професионализмот низ доброволно вклучување на медиумите во процесот на саморегулација“, истакна Марина Тунева.
Во контекст на ова, новинарот Зоран Маџоски, упати на потребата од организирање средби со медиумите и претставници на бизнис секторот, со цел заеднички да се утврдат формите за поддршка на професионализмот во медиумите. Освен тоа, тој укажа на потребата од вклучување на сопствениците и уредниците од медиумите во препознавањето на придобивките од саморегулацијата и Регистарот на професионални онлајн медиуми.
Серијалот средби со медиумите, граѓанските организации и институциите ќе продолжи и понатаму.
СЕММ и апелира на редовно поднесување пријави за случаите за непрофесионално и неетичко известување, со пополнување на формуларот на веб страницата www.semm.mk.
Онлајн средбата се одржа во рамките на проектот ,,Поддршка на слободата на изразување во медиумите во Северна Македонија’’ што го имплементира СЕММ со поддршка на делегацијата на ЕУ во земјава.