Самоодржливоста е најголем и тешко решлив проблем на медиумите и медиумските организации

Самоодржливоста е најголем и тешко решлив проблем на медиумите и медиумските организации

Развојот на саморегулацијата и постигнување на поголемо ниво на самоодржливост беа главните теми на последната средба меѓу Советот за етика во медиумите и новинарите од Источна Македонија. Со оглед на тоа дека новинарите и медиумите од истокот се соочуваат со слични предизвици кои се однесуваат на самоодржливоста на нивните медиуми, акумулираното искуство го споделија со Советот за етика во медиумите.

Претседателот на комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски, ги сподели искуствата и досегашната работа на Советот. Саморегулацијата е многу важен аспект на медиумите. Тој дава можност да се регулира медиумската сфера и новинарското работење без да се навлезе во слободата на говорот или уредувачката политика на медиумите. Тоа е регулаторен инструмент кој одговара на сите нас. Ние само минатата година имавме преку 100 жалби кои се разгледани и разрешени, истакна Адамчевски потенцирајќи го значењето на Советот и неговата одржливост.

Адамчевски нагласи дека за разлика од советите во западните демократии, кои во некои земји функционираат и по сто години, кај нас главна болна точка е финансирањето и на медиумите и на медиумските и новинарските здруженија и организации.

„Во однос на СЕММ можеби е потребно финансирање од членарини, но и донации. Веројатно може да се размислува за систем на државно финансирање но со обезбедување на независноста на Советот. Има примери на совети низ светот кои добиваат државна не условена субвенција“, истакна Адамчевски.

Новинарите и медиумските работници кои беа присутни на состанокот исто така дадоа солидни предлози во однос на иднината на медиумите и на саморегулацијата.1 1

„Во минатото исплашени од силното влијание на политичарите во медиумите се боревме да немаме државни пари во медиумите и тоа сега ни се удри од глава со тоа што веќе многу медиуми не можат да ги решат егзистенцијалните проблеми. Ние како медиуми требаше да се зафатиме со распределување на евентуалните државни средства, преку утврдување на соодветен

модел и критериуми. Да не се дозволи на партиите да ги распределуваат тие средства. Па и сите средства што се слеваат во медиумите од странски донатори се главно државни пари на други држави“, истакна Горан Лефков, истражувачки новинар и член на советот на честа при ЗНМ.

Лефков истакна дека е потребно поголема соработка меѓу Советот на честа и Советот за етика во медиумите, а и подигање на здрави нозе на националните радиодифузери и медиуми со цел да имаме подобро, поквалитетно и одржливо новинарство.

„Средствата кои се добиваат од странски донатори можат да донесат одржливост само на среден рок. Поради ова, потребно е да се земат искуства од другите саморегулаторни тела, особено оние со големо искуство, за тоа кој модел на финансирање да се употреби за Советот за етика“, истакна Дијана Насева од Универзитетското радио УГД ФМ.

Во овој контекст, новинарите истакнаа дека е потребно да се направи механизам за поголем ефект и видливост од работата на СЕММ. „Важно е да се зголеми ефектот на здруженијата врз работата на медиумите, зошто, доколку го нема ефектот, новинарите и медиумите можат да ја изгубат доверба во здруженијата, а штом ќе ја загубат довербата потешко би се пристапило кон финансирањето“, истакна Тони Михаилов, новинар.

Продуктивната дебата ќе биде искористена за подобрување на работата на саморегулативното тело и за изработка на план за самоодржливост. Програмскиот координатор во СЕММ, Даниел Димитриески истакна дека моментално организацијата е во фаза на изработка на план за утврдување на моделите за самоодржливост и финансирањето на Советот, така што сите овие идеи ќе бидат добредојдени.

Оваа средба е дел од серијал на дебати и средби кои Советот на етика во медиумите ги организира со медиумите од сите региони во државата во рамки на проектот ,,Поддршка на слободата на изразување во медиумите во Северна Македонија’’ што го имплементира СЕММ со поддршка на делегацијата на ЕУ.

Scroll to Top