Етичноста на онлајн медиумите против неконтролираните штети на социјалните мрежи

Ова беше кажано на дискусијата на претставници од Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) со студентите на магистерските програми на Институтот за комуникациски студии (ИКС).

Според директорката на СЕММ Марина Тунева, онлајн медиумите вклучени во истражувањето упатиле да се иницираат заеднички мерки со социјалните мрежи и со поддршка од сервисите за проверка на факти, како на пример, утврдување механизми за правење дистинкција меѓу професионални од непрофесионални медиуми од страна на Фејсбук и Твитер.

„Медиумите не ги знаат многу мерките кои произлегуваат од социјалните мрежи за заштита на интернет просторот од дезинформации и говор на омраза. Или не ги знаат доволно или самите социјални мрежи немаат доволно добро дефинирани политики и мерки што ги преземаат во таа смисла“, кажа Тунева.

Затоа таа смета дека треба да се афирмираат онлајн медиумите кои што прифатиле да бидат дел од Регистарот на онлајн медиумите во Македонија и со тоа да ги почитуваат критериумите поврзани со транспарентноста, објавувањето на сопственичката структура, потпишувањето на текстовите, наведувањето на изворите кога се преземаат текстови од други места и други одлики на професионалното новинарство.

Лилјана Пецова, членка на Комисијата за жалби при СЕММ, рече дека постои „скринизам“ или „екранизам“ кај медиумската публика и дека медиумите сè повеќе прибегнуваат кон кликбејт, сензационалистичко и шокантно известување. Таа објасни дека во академската заедница се дискутира да се воведе медиумски психолог – посебен профил на вработен во медиумот кој ќе ги анализира податоците како реагираат читателите на медиумот и на тој начин да се креираат вестите, односно кога најмногу читаат и кликаат, кога коментираат, на какви типови вести коментираат, што најмногу ги интересира.

„Тука е важна етичноста, затоа што дигиталните технологии влијаат врз начинот на кој се развиваат медиумите. Медиумите доколку не се наметнат професионално да ја постават агендата (на известување), во тој случај се борат со неетичкиот принцип на кликбејт новинарство за да го задоволат читателскиот аспект, наместо да обезбедат информација која треба да биде општо добро за јавноста“, кажа Пецова.

et2 1

Претседателот на Комисијата за жалби Мирче Адамчевски рече дека во 2020 година во СЕММ пристигнале 140 претставки, од кои дури 127 биле за онлајн медиуми. Најмногу жалби (42%) поднеле граѓаните, потоа медиумите и новинарите (29%), политичарите (19%) и од граѓанскиот сектор (9%).

„Најзастапен во прекршувањата е членот 1 од Кодексот на новинари, односно неточни и непроверени информации, немање втора страна и отсуство на најмалку два меѓусебно неповрзани извори. Дури 67% од сите претставки се за неточни информации. Втор член кој е најмногу нарушен (19%) е за правењето разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. Особено кога имаме изборни години се нарушува членот 14, кој се однесува на известување од политичките процеси, посебно од изборите, кои треба да бидат непристрасни и избалансирани“, кажа Адамчевски.

Тој додаде дека претставки се поднесувале и за плагијаторство во медиумите, односно користење цитати без да се нагласат изворот или авторот, нарушување на приватноста на личноста, сензационалистичко известување за несреќи, како и против новинари кои не го чувале угледот на професијата и го користеле медиумот за пресметка со личности. Бил присутен и говорот на омраза и во таа насока имало претставки против новинари поради непримерна комуникација со јавноста и кои не ја негувале културата на говорот и етиката.

Адамчевски им објасни на студентите на ИКС како можат да поднесат претставка до Комисијата за жалби при СЕММ и како изгледа постапката за постапување по претставките.

Дискусијата се организираше во рамките на проектот „Градење доверба во медиумите во Југоисточна Европа и Турција – фаза 2“ финансиран од УНЕСКО и Европската унија.

 

 

Scroll to Top