Од властите треба поддршка за слободата на медиумите, од професијата – одговорност

Креирањето демократски амбиент за медиумите подразбира системски чекори и координација, со целосно разбирање и адресирање на причините и факторите коишто досега влијаеле врз слободата на медиумите. Политички независните медиуми се неизоставен дел од битката за промоција на демократски вредности и стандарди на квалитетно новинарство.  Од круцијално значење во овој процес е да се промени дискурсот и ставот кај оние политичари, креатори на јавно мислење и центри на моќ кои медиумите неретко ги претставуваат или третираат како непријателска страна, избегнувајќи ја својата одговорност за транспарентно и отчетно однесување кон јавноста. Од нив се очекува да ги штитат медиумите како предност и одлика на демократијата, а не како пречка или закана во нивните ставови и активности.

Пандемијата уште еднаш ги потврди предизвиците пред кои се исправени медиумите во државата, почнувајќи од недоволната безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници, па до ограничувачките услови за работа на редакциите. Квалитетниото и инклузивно новинарство е единствениот начин за премостување на поделбите и промовирање демократски вредности и професионални новинарски стандарди. Од суштинско значење како во сегашната, кризна, ситуација во државата, така и во редовни околности е и активната улога на професионалните медиуми во борбата против дезинформациите и неетичкото известување.

И во изминатиот период статистиката на СЕММ го потврдува присуството на случаи на неетичко информирање. Речиси 40 проценти од пријавените случаи во изминатата година се однесуваат на информирањето за кризата со коронавирусот, а загрижувачки е што во 67% од вкупниот број на жалби, станува збор за неточни и непроверени информаци, а во речиси 20% не се прави разлика меѓу фактите и мислењата, вестите и коментарот. Јавноста ја информираме дека од неодамна почна да функционира и базата на податоци на СЕММ подготвена со поддршка од Мисија на ОБСЕ во Скопје. Базата овозможува пребарување на одлуките на СЕММ за поединечни медиуми, статистика за најчестите нарушувања на Кодексот, типот на жалители, случаите решени со медијација, итн.

Во насока на поддршка на слободата на изразување и професионалното и одговорно новинарство, СЕММ, со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на почетокот на мај ќе го објави конкурсот за најдобри стории за инклузивно известување за различностите за време на пандемијата.

Од властите треба поддршка за слободата на медиумите од професијата – одговорност

Scroll to Top