Веднаш по инцидентот во повеќе медиуми беа објавени речиси идентични содржини во кои се тврди дека возачот бил под дејство на алкохол, без да има каква било официјална потврда за тоа. Напротив, истите тие медиуми се повикаа на информации од сведоци, што подоцна се покажаа како неточни.
Им укажуваме на медиумите дека сензационалистичкото известување во јавноста не смее да го замени професионалното и етичкото известување во кое е потребно да се води сметка и за последиците од трагедијата за семејството. Објавувањето на фотографиите од настанот веднаш по несреќата на коишто беше забележлива и регистарската табличка на автомобилот е во спротивност со членот 7 од Кодексот на новинари, според кој новинарите и уредниците треба да ја почитуваат приватноста на личноста, како и личната болка и жалост, како и во спротивност со членот 8 според кој „начинот на информирање во случаи на семејни трагедии мора да биде ослободен од сензационализми“.
Освен тоа, им укажуваме на уредниците дека сносат одговорност што со објавувањето на таквиот материјал овозможуват и негова понатамошна поширока дистрибуција и пристап до него од ранливи категории граѓани и малолетни лица, што би можело да предизвика дополнителна вознемиреност и последици од таквото известување.
Во исто време остро го осудуваме и говорот на омраза што се појави на социјалните мрежи во врска со случајот. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе итна истрага преку која ќе се утврди идентитетот на лицата кои го поттикнуваа говорот на омраза, а потоа Основното јавно обвинителство да покрене и случај преку кој тие ќе ги бидат санкционирани во согласност со Кривичниот закон. Овие две институции потребно е да ја разберат сериозноста на неказнивоста на говорот на омраза во Република Северна Македонија, кој мора да престане со цел да се избегнат и делата од говор на омраза.
Во битката за стекнување поголема публика не смее да настрада професионалното новинарство и улогата на медиумите како активен и објективен набљудувач на случувањата.