Најпрво, во Северна Македонија речиси да нема судска пракса, односно според Здружението на новинари на Македонија, има само два правосилни случаи поврзани со делата од говор на омраза што се веќе завршени пред Кривичниот суд, па така нема ни многу што да се разговара. За разлика од скромната или речиси непостоечката судска пракса за говорот на омраза во нашата земја, во Европскиот суд за човекови права има искуства, и тоа не само со случаи од говор на омраза на традиционалните медиумите, туку и на дигиталните платформи, вклучувајќи ги и социјалните медиуми.
Владините институции, исто така, ретко се огласува во врска овие прашања, и покрај очигледните, зголемени, трендови на говор кој изобилува со повици на насилство и дискриминација по повеќе основи и досега, барем за пошироката јавност, немало јавни дебати на кои се разговарало за опасноста од толерирањето на говорот на омраза. Од друга страна, пак, Министерството за правда неодамна најави интервенции во Кривичниот закон во делот кој се однесува на говорот на омраза и на тој начин се очекува да отпочнат јавни консултации не само со новинарската фела, туку и со стручната јавност. Важно е да се земат предвид меѓународните дефиниции и правила за говорот на омраза, но уште поважно е при законските измени за овие дела да се вклучи локалната заедница со оглед на тоа што секоја земја има свој, специфичен, локален контекст кој треба да се земе предвид.
Во оваа насока, кон средината на ноември годинава, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) организираше дебата на тема „Поврзување меѓу саморегулаторното тело, медиумскиот регулатор и Народниот правобранител во заштита на човековите права и реакција на говорот на омраза“. Од исклучително значење е координацијата и дискусиите на овие тела во иднина да се прошири со институциите кои можат да влијаат на превенција на ширењето на говорот на омраза, но и негово казнувањето. Граѓанските организации, колку и да вложуваат напори да се борат со говорот на омраза, доколку нема заедничка координација и заеднички напори на ова поле со сите засегнати страни проблемот само ќе расте и може да доведе и до дела предизвикани од омраза, што претставуваат кривични дела опасни по мирот и безбедноста на граѓаните.
Претседателката на УО на СЕММ, Катерина Синадиновска вели дека како клучна алатка за сузбивање на говорот на омраза е итната реакција на надлежните институции, како што се Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, преку координиран и институционален одговор кон сторителите. „Игнорирањето и неказнувањето на говорот на омраза од страна институциите не помага на никој, зошто сами граѓанските организации не можат да се борат ако овие кривични дела се толерираат веќе триесет години“, додава Синадиновска.
СЕММ игра важна улога во подигнување на свеста за сериозноста од ширењето на говорот на омраза во медиумите и тие можат да имаат сериозна превентивна улога во намалување на ваквиот говор во медиумите, пред сèпреку промоција на Кодексот за етика на новинарите.
Според Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ, освен органите на прогон за превенција, но и санкција на говорот на омраза присутен во медиумите, но и на социјалните мрежи важна улога игра и Народниот правобранител. Адамчевски смета дека оваа институција во другите земји има тесна соработка со граѓанските организации кои се дел од медиумскиот сектор, а работат на прашања поврзани со злоупотреба на слободата на изразување.
Меѓусекторската соработка и заедничките акции се најдобриот начин за справување со овој тип на предизвик и затоа има и многу позитивни примери од околните земји.
Говорот на омраза може да предизвика тензии од етнички, религиски, партиски и други основи, посебно кога е пренесува од страна на националните телевизии и токму затоа медиумскиот регулатор има многу важна улога во превенцијата и санкцијата.
Емилија Петреска – Камењарова, раководителка во Одделението за човекови права и медиумска писменост при Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АААВМУ) објаснува дека клучната улога на регулаторот е да ги следи содржините кои имаат елементи на дискриминација на традиционалните медиуми не само врз основа на национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, туку и по која било друга основа, a во согласност со закон. Камењарова додава и дека „во минатото, во периодот од 2014 до 2018 година, медиумскиот регулатор немаше законска можност директно да изрече санкција кон медиумите за прекршување на овој член и се обраќаше, безуспешно, до ОЈО, а од крајот на 2018 повторно има можност за санкција, со тоа што сега може да поднесе барање за покренување прекршочна постапка пред суд“.
Стручната дебата која што ја организираше СЕММ ја поттикнува и подобрува заедничката комуникација помеѓу граѓанските организации и дел од надлежните институции кои можат да помогнат во контролирање на ширењето на говорот на омраза. Во иднина, секако, потребно е поголема проактивност околу овие прашања од страна на Основното јавно обвинителство, не само во дополнително актуелизирање на овие теми, но и со конкретни мерки преку кои ќе гонат и казнуваат оние кои го злоупотребуваат правото на слобода на говор.