Добриот систем на медиумска саморегулација го спречува владиното влијание

Како ја оценувате општата ситуација со слободата на медиумите во Вашата држава?

Во Холандија, општо земено, ситуацијата со слободата на медиумите е многу добра. Холандија е рангирана на четврто место според Светскиот индекс за слобода на медиумите во 2019 година. Генерално, холандските медиуми се ослободени од владини и друг вид на влијанија.

Дали појавата на Интернетот и економските кризи ширум светот имаа негативно влијание врз квалитетот на новинарството?

Сметам дека Интернетот и економските кризи предизвикаа зголемен притисок кај уредниците: за кратко време треба да се заврши поголем обем на работа, со помал број новинари. Ова, на негативен начин, може да влијае врз квалитетот на новинарството. Сепак, тоа не може директно да се потврди од работата на нашиот Совет. Напротив, последните две години процентот на основани жалби е намален.  

1

Каков е општиот став на медиумите кон новинарската етика и саморегулативните тела како Вашето?

Целиот медиумски сектор е дел од нашиот Совет за етика, преку Холандската федерација на новинари, Холандското здружение на главни уредници и неколку (координативни) организации за печатените и радиодифузните медиуми. Уште еднаш да напоменам дека холандските медиуми и новинарите се добро запознаени и свесни за професионалната етика и се однесуваат соодветно. Насоките на нашиот Совет се широкоприменливи. Покрај тоа, Холандското здружение на главни уредници и некои редакции имаат свои етички и професионални насоки, кои кореспондираат со нашите или ги надополнуваат.

Дали Вашиот систем на медиумска саморегулација помага да имате попрофесионални и послободни медиуми?

Од една страна, добриот систем на медиумска саморегулација, како што е нашиот во Холандија, го спречува владиното влијание, а со тоа придонесува и кон медиумските слободи. Од друга страна, медиумската саморегулација придонесува за зголемена одговорност и професионалност од новинарите и медиумите.

2

Како Вашиот совет за етика ги третира медиумите кои што не ги почитуваат неговите одлуки?

Одлуките на нашиот Совет се отворени за дискусија. Со нивното објавување, Советот го дава своето мислење и придонесува кон јавна и професионална дебата за новинарската етика, која не е врежана во камен, туку е предмет на развој. Холандскиот совет не може да изрече санкции, туку им препорачува на новинарот/главниот уредник да ја објават одлуката целосно или резиме од неа. Во најголем број од случаите препораката за објавување се почитува. Веќе три години објавите од засегнатите медиуми ги има и на веб – страницата на нашиот Совет, заради натамошна транспарентност во постапката.

Дали сметате дека воведувањето законски ограничувања во онлајн сферата може да ја загрози слободата на изразување?

Слободата на изразување е многу важно човеково право кое мора да се почитува. Сепак, примената на ова право може да наруши друго човеково право, како, на пример, правото на приватност. Затоа, слободата на изразување не е апсолутна и наограничена. Таа доаѓа со обврска за одговорно однесување и почитување на правата на другите. Евентуалните законски ограничувања мора да се пропорционални и во согласност со меѓународните повелби за човековите права.

Scroll to Top