Декларација на советите за етика во медиумите од ЈИЕ и Турција за зајакнување на етиката во медиумите во дигиталниот екосистем

Нагласувајќи ја клучната важност на саморегулацијата во медиумите за поттикнување на слободата на медиумите и сузбивање на дезинформациите онлајн, советите за етика во медиумите од регионот ги повикуваат различните засегнати страни да дејствуваат во интерес на нивно добро функционирање и одржливост во дигитално – информатичкиот екосистем.

Декларацијата е резултат на дводневните дискусии организирани во рамките на  проектот „Градење доверба во медиумите и Југоисточна Европа – Фаза 2“, финансиран од УНЕСКО и ЕУ. Собирот се организира во хибридна форма, а на него беа присутни претставници од саморегулаторните тела во регионот, односно од Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Турција.

На настанот, претставниците за советите за етика ги разгледаа предизвиците од информатичкиот систем кој е во постојан развој, подемот на нови облици на новинарство, зависноста на медиумите и новинарите од социјалните медиуми за дистрибуција на нивната содржина, како и одржливоста на саморегулаторните системи. Резултатите од овие дискусии се сумирани во заедничката декларација потпишана од претставниците на советите за етика, на 17 ноември 2021 година, во Сараево.

Присутните претставници на советите за етика се осврнаа на потребата да се подобрат етичките стандарди во медиумската професија, вклучувајќи ги и  новите онлајн медиумски чинители, како и зголемување на медиумското членство во системот. Во оваа насока, со Декларацијата, медиумските професионалци се повикуваат да овозможат доволно обука и свест за новинарските стандарди, а воедно и да обезбедат видливост кога станува збор за почитувањето на саморегулаторните системи од страна на медиумите. Покрај ова, советите за етика нашироко ја дискутираа улогата која тие треба да ја имаат во насока на обезбедување видливост на новинарството кое е од јавен интерес, а поврзано со платформите на социјалните медиуми. Имено, со Декларацијата тие се повикуваат да обезбедат можности за зголемен дијалог со медиумската заедница на локално ниво и конкретен механизам за жалби кога одредена новинарска содржина е забранета или отстранета од овие платформи.

„Усвојувањето на заедничка декларација од сите совети за етика во медиумите од Југоисточна Европа претставува силен показател за зголемената соработка меѓу саморегулаторните механизми во регионот. Воедно, ова е и повик за зголемено почитување на етичките и професионалните стандарди од страна на медиумските чинители, како и повик до различните засегнати страни за јакнење на одржливоста и ефективноста на саморегулацијата во медиумите“, заклучи Аделин Хулин, проектен службеник на Канцеларијата за врски на УНЕСКО во Брисел.

Заедничката декларација на советите за медиуми од Југоисточна Европа е преведена на локалните јазици во регионот. Верзиите на локалните јазици може да се најдат на веб-страниците на советите за медиуми.

Регионална декларација на советите за етика во медиумите во Југоисточна Европа и Турција

Scroll to Top