Петнаесетина млади, активисти и новинари од Североисточниот Регион беа дел од работилницата што Институтот РЕСИС и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) ја организираа во Куманово.
Средбата е дел од проектот „Медиуми на заедницата за посилно граѓанско општество“, поддржан од Владата на Швајцарија преку „Цивика мобилитас“, а целта е проширување на онлајн платформата „Локал Актив“.
Слаѓан Пенев, координатор во Институтот РЕСИС , ги предочи главните особини на медиумите на заедницата и разликите од традиционалните локални медиуми, преку примери – веќе објавени стории на трите постојни платформи: „Локал Актив“, „Локал Актив Вардар“ и „Локал Актив Пелагонија“.
Работилницата продолжи со дел во кој учесниците споделија свои искуства, теми што се важни за нивната локална заедница, како и навиките за информирање што ги имаат самите или ги забележуваат кај граѓаните во регионот. Присутните активисти од регионот истакнаа дека вакви непрофитни медиуми на заедницата недостасуваат во Североисточниот Регион, но и во државата генерално.

Снежана Трпевска од РЕСИС дискутираше со учесниците за професионалниот и за етичкиот дел од работата на медиумите, додека Билјана Георгиевска од СЕММ ги презентираше успешните примери на медиуми на заедницата од Европа, темите што ги истражуваат и пристапот што го имаат кон заедницата.
Трпевска и Георгиевска ја нагласија важноста на етичкото известување и на саморегулацијата, а низ дискусија со учесниците беа разгледани и конкретни случаи во кои се прекршувале етичките правила, како и позитивни примери каде што редакциите признавале грешки и коригирале одредени содржини.
Во последниот дел од работилницата присутните разработуваа предложени идеи, од кои во следниот период ќе произлезат идни стории на платформите на „Локал Актив“.

Ова беше четврта и последна работилница од овој тип, која РЕСИС и СЕММ ја организираа во новите региони каде што се планира воспоставување медиум на заедницата „Локал Актив“. Во следниот период новинарите, младите и активистите што беа вклучени во процесот, ќе добијат можност да работат на стории со кои ќе бидат истражувани и темелно анализирани важни проблеми на локалната заедница од Североисточниот, Полошкиот, Југозападниот и Југоисточниот Регион на Македонија.
*Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Институтот РЕСИС и на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, на „Цивика мобилитас“ или на организациите што ја спроведуваат.