„Напредокот на Извештајот на Репортери без граници не значи ништо без системски промени, на коишто, впрочем, укажува и самиот Извештај, од нетранспарентно финансирање и недоволно транспарентни институции, преку заглавени реформи на јавниот сервис и заглавени медиумски закони во Собранието, па до оставен простор за закани и напади врз колегите. Она што, сепак, за мене е страшно е наодот и забелешката дека опозицијата и власта имаат создадено паралелни медиумски системи. Значи, си имаат свои медиуми кои создаваат паралелна реалност. Знаете ли колку е ова опасно? Ова значи дека се креираат паралелни реалности, паралелни вистини и само се зголемува поларизацијата на општеството на сметка на вистинскиот дијалог, културата во јавната дебата и суштинскиот судир на различни мислења и аргументи Ова не е здрава демократија“, истакна Катерина Синадиновска, претседателка на СЕММ на денешниот настан „Безбедни новинари и медиумски работници за квалитетно новинарство во Северна Македонија“, организиран од Здружението на новинари (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Настанот, со којшто се одбележа 3 мај, Меѓународниот ден на слободата на медиумите, го отвори претседателот на државата Стево Пендаровски, кој ја истакна потребата од заштита на безбедноста на новинарите, упатувајќи на одговорноста на институциите и политичките актери во државата.
На ваквата одговорност укажа и претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски, според кој системските решенија се неопходни за незавиност во уредувачката и новинарската работа.
Свои обраќања на настанот имаа и директорката на МИМ, Билјана Петковска, претседателот на ССНМ Павле Беловски и извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски. Заедничка е пораката дека е време за суштински промени за да се гарантира слободата на изразување и слободата на говорот, но и за подобрување на економскиот стандард на новинарите и медиумските работници, со што тие би биле ослободени од какви било влијанија и притисоци.