Реакција на измислено интервју – 29.11.2017

И покрај тоа што редакцијата користи сличен формат на објавување информации како и некои меѓународно познати сатирични изданија, сепак се занемарува веројатноста дека таквите содржини многу лесно би можело да бидат прифатени како вистинити, а особено доколку се поврзани или се однесуваат на политиката или актуелни случувања.

Редакцијата на Република, на крајот од интервјуто, наведува дека тоа е дел од рубриката “Двоглед“ и образложува дека „секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна“. Но, притоа не нагласува експлицитно и доволно јасно дека содржината не кореспондира со реалноста. Веројатноста за дезинформирање на граѓаните е уште поголема доколку читателот се задржи само на насловот и накратко помине преку содржината.

Во ера кога ширењето лажни вести е вистински проблем, објавувањето содржини oд ваков вид дополнително може да ги поттикне таквите тенденции. Несоодветното и неодговорното користење сатирични содржини може да се разбере и како промовирање дезинформации од идеолошки причини, правејќи инсинуации што се штетни за општеството. Освен тоа, ваквите содржини лесно и брзо се шират на социјалните мрежи и Интернет и може да привлечат големо внимание од страна на граѓаните.

Одговорното новинарство подразбира дека известувањето, без оглед на жанрот што се користи, секогаш мора да биде во служба на вистината и етичките стандарди.

Scroll to Top