Соопштение до медиумите – 13.05.2015

Фундаментална цел на новинарството е да и служи на јавноста низ пласирање вести, гледишта, коментари и информации за прашања од јавен интерес, а неоправданите шпекулации и гласини не треба да бидат претставени како факти. Медиумите не треба да објавуваат материјали што содржат навреда или клевета против поединци и групи, освен доколку со внимателна проценка не се утврди дека постои причина и доказ да се верува дека е тоа вистинито и е тема од јавен интерес.

Во исто време, новинарите се поддржуваат во објавувањето информации и факти кои содржат критика кон дејствувањето и однесувањето на политичките актери доколку тоа е во спротивност со нивните одговорности, со исклучок на ситуациите во кои таквите информации се шират без да се води сметка за вистината. Доколку медиумите поседуваат информации за дејствувањето на јавни личности што е спротивно на нивните одговорности, имаат должност да се осигурат дека информациите се од јавен интерес и се добиени на чесен начин, соодветно се потврдени и сместени во вистинскиот контекст. Повикуваме на соработка од уредниците кои имаат крајна одговорност за тоа што се објавува во медиумите и за придржување на стандардите на етичкото новинарство, со цел да се стекне и одржува довербата на јавноста во информирањето.

Советот за етика ја поддржува слободата на изразување и задоволувањето на јавниот интерес во информирањето, потенцирајќи дека независноста во новинарството е клучна за стремежите во постигнувањето и одржувањето на демократијата во општеството.

Скопје, 13.05.2015г.

Scroll to Top