Реакција од СЕММ – 13.04.2018

На вчерашната јавна расправа на Комисијата за транспорт, врски и екологија за Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Министерот истакна дека Советот реагирал ненавремено, односно дека одговорот за овој случај доцнел месец и половина и дека тој самиот го потсетувал СЕММ да го забрза процесот на донесување одлука по поднесената жалба.

Негирајќи ги овие искази, СЕММ потсетува дека жалба од Кабинетот на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност официјално доби на 25.02.2018 година, по што, според Правилникот за работа на Комисијата за жалби, доставено е барање за одговор до засегнатиот портал. По истекот на рокот за одговор од 7 работни дена, односно на 07.03.2018 година, Комисијата за жалби одржа седница на 09.03.2018 година, а нејзината одлука е објавена на 12.03.2018 година. (Одлуката е достапна на: https://semm.mk/attachments/12-03-2018/robert-dokazm.pdf)

Напоменуваме дека целиот процес, од прием на жалбата до донесување одлука, е извршен за 10 работни дена и дека, со ваквата паушална проценка, Министерот Поповски фрла негативно светло врз ефективноста во работењето на ова тело и воопшто врз угледот на Советот за етика во медиумите на Македонија.

Иако веројатно се работи за ненамерна произволност во оценката на Министерот дадена на јавна сцена, сметаме дека ова може да се протолкува како притисок врз независно тело кое по пат на саморегулација се обидува да ги подигне професионалните стандарди во медиумите и довербата меѓу граѓаните и медиумите. Во овој контекст, потсетуваме и на неодамнешните заложби на Владата за поддршка на саморегулацијата како еден од приоритетите во постигнувањето промени и реформи во работата на медиумите.

Scroll to Top