СЕММ повика на поддршка на саморегулацијата во медиумите и почитување на стандардите на професионално известување

„Во период кога и понатаму се забележуваат тенденции на непрофесионално известување, особено е важно уште еднаш да потсетиме на значењето на саморегулацијата, бидејќи сметаме дека не може да постои повисок закон во новинарството од тоа да се кажува вистината и да се известува урамнотежено“, рече Марина Тунева, извршен директор на Советот за етика во медиумите на Македонија.

Како што информираше претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски, периодов се работеше на над 20 жалби. Од нив, во 11 жалби основа за поднесување беше неточно и нефер известување, клевета и нарушување на приватноста. Во 6 жалби основа беше неточно и нефер известување и клевета, а во 4 жалби неточно и нефер известување. Комисијата ги разгледа жалбите и едба од нив беше решена по пат на медијација, а за 21 медиум беа донесени одлуки дека го нарушиле Кодексот на новинарите на Македонија. И тоа членовите 1, 4, 13, и 14. Новинарите шпекулираат, не ги проверуваат информациите, не го назначуваат изворот на информации, не прават разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот и забораваат дека известувањето од политичките процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано, да не се дискриминира. И дека мора да се обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти. Има и случај кога новинарите не се придржуваат до општоприфатените општествени стандарди на пристојност и почитување на разликите. Конкретните случаи од одлуките во целост можете да го видите на интернет страницата на СЕММ (www.semm.mk).

Нарушувањето на стандардите на професионалност е забележано и во најновите наоди од мониторингот на медиумите што го спроведува Институтот за комуникациски студии, кои укажуват на трендовите на фаворизирање и демонизирање политички субјекти, пропагандистичко и апологетско известување, примери на координирана уредувачка манипулација меѓу приватни телевизии,врамување стари изјави во нов манипулативен контекст, заземање страни, итн.

Советот за етика во медиумите во февруари иницираше потпишување на Повелба за етичко известување за изборите за комерцијалните медиуми. Повелбата ја потпишаа 32 медиуми и Здружението на приватни медиуми на РМ кое обединува 60тина регионални и локални медиуми.

Scroll to Top