Дебата за саморегулацијата и изборите во Прилеп

На дебатата се дискутираше за значењето и перспективите на саморегулацијата, како и за досегашните искуства на Советот за етика и соработката со слични тела во меѓународни рамки. „Овој настан е дел од серијата дебати што ги организираме низ државата за да ја претставиме работата на Советот за етика и да зборуваме за најчестите тенденции на прекршување на етиката во информирањето“, рече директорката на СЕММ, Марина Тунева.

Се зборуваше и за начините на кои дејствува СЕММ во врска со случаите на непрофесионално и неетичко новинарство. „Поплаки и претставки до Комисијата за жалби при СЕММ упатуваат граѓаните, невладините организации и новинарите. Најчесто се однесуваат за неетичко информирање, непретставување на втората страна во случајот за кој се известува, за говор на омраза во известувањето, повреда на приватноста, за загрозување на човековите права. Како тело донесуваме одлуки и доколку има нарушувања се сугерира медиумот тоа да го објави“, рече Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ.

Професор доктор Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби, истакна дека иако повеќето медиуми неодамна ја потпишаа Повелбата на СЕММ за етичко известување за изборите, тоа сепак треба да се покаже и во практиката. „Има случаи на еднострано известување, а се чувствува и длабоката поделеност меѓу новинарите“, рече Сефер Тахири. Според Драган Антоновски од Управниот одбор на СЕММ новинарите имаат задача објективно да ја информираат јавноста, а преку избалансираното информирање и медиумот ќе има доверба во јавноста. „Сега е прашањето колку и како ќе ја одбраниме професијата“, рече тој.
Членот на Комисијата за жалби Филип Ѓурчиновски ги поттикна граѓаните да реагираат на еправилностите во известувањето на медиумите и притоа го објасни притоа процесот на поднесување жалби до СЕММ.

СЕММ е здружение на граѓани формирано од повеќе медиуми во 2014 година, а функционално започна со работа во текот на минатата година. Главната цел на СЕММ е поголем степен на почитување на етичките стандарди во новинарството, како и поедноставен пристап на јавноста (граѓани, институции и правни лица) до медиумите кога ќе се почувствува некаква повреда на стандардите на професионално и објективно известување.

Scroll to Top