Вештачката интелигенција како помош, никогаш како замена за човечка проценка

Регионалната декларација усвоена од Советите за етика во медиумите во земјите од Западен Балкан и Туркије ги содржи следните принципи за етичка и транспарентна употреба на вештачката интелигенција во медиумите :                  

                                                 

Преамбула

Ние, претставниците на советите за етика во медиумите во Југоисточна Европа и Туркије, собрани во Охрид, Северна Македонија, на Регионалниот состанок за медиумската етика и одговорната употреба на вештачката интелигенција во редакциите,

Потсетувајќи на улогата на новинарството во создавањето и ширењето информации од јавен интерес, особено во време на криза и изборен период, и истакнувајќи ја исклучителната важност оваа улога да остане ослободена од контрола и влијание заради изобличување,

Нагласувајќи ја клучната улога на медиумската саморегулација за заштита на јавниот интерес и промовирање одговорно известување во дигиталната ера, преку спроведување на новинарските етички стандарди, минимизирање на државна интервенција во однос на медиумските слободи и намалување на судски постапки против медиумите,

Потсетувајќи на постојаните закани за безбедноста на новинарите во регионот и загрижени поради напливот на политички притисоци кон медиумската независност, како што е злоупотребата на државни ресурси, вклучително и рекламирање, обиди на политички актери да контролират медиуми, одземање новинарски акредитации, остри напади со цел да ги стигматизираат и дискредитираат медиумите, како и злоупотреба на судски процеси против новинари,

Свесни за сè поголемото влијание на вештачката интелигенција (ВИ) врз новинарството, медиумите и јавниот дискурс,

Признавајќи го нејзиниот трансформативен потенцијал, но и ризиците што ги носи за етичките стандарди, професионализмот и довербата на јавноста,

Потсетувајќи на напорите на Советите за етика во медиумите за надградба на етичките кодекси со цел да ја вклучат употребата на ВИ во редакциите,

Истакнувајќи ја итната потреба новинарите, медиумските професионалци и граѓаните да стекнат вештини за работа со ВИ за подобро да се снаоѓаат во информацискиот пејзаж и да се оспособат за разликување на веродостојни од неверодостојни извори, при тоа поддржувајќи го професионалното новинарство,

Потсетувајќи на изјавата за интеграција на ВИ во редакциите во Југоисточна Европа и Туркије, усвоена на Регионалната конференција „Приказната за довербата: Патишта до квалитетно новинарство во Југоисточна Европа и Туркије во дигиталната ера“,

Свесни за кризата на одржливоста на медиумите и потребата од извори на финансирање за поддршка на новинарството во јавен интерес и медиумите во време на ВИ, вклучително и праведна распределба на приходите генерирани од доверлива содржина на ВИ-модели.

Принципи на Декларацијата

 

ВИ како поддршка, не замена

Вештачката интелигенција треба да служи како алатка што ги поддржува новинарите и редакциите, но никогаш како замена за човечката проценка, професионалниот суд или уредничката одговорност.

Транспарентност и означување на ВИ-содржина

Употребата на ВИ во креирање, избор или обработка на медиумска содржина мора да биде транспарентна и одговорна. Јавноста има право да знае кога и како ВИ значајно влијае врз информациите што ги добива. Означувањето треба да биде пропорционално на улогата на ВИ, особено кога ВИ значително влијае на презентацијата, врамувањето или на суштината на содржината, независно дали се работи за текст, слика, аудио или видео формат, ова треба да биде јасно означено за публиката. Посебно внимание треба да се даде на содржините што се целосно или делумно генерирани од ВИ, особено доколку разликата од содржина керирана од луѓе не е очигледна. Таквиот материјал треба јасно и видливо да е означен. Манипулативни форми на ВИ-содржина, како deepfake видеа или синтетички гласови, не треба да се објавуваат без соодветна етичка оправданост, предупредување и контекст.

Уредничка одговорност и проценка на ризици

Крајната одговорност за медиумската содржина мора да остане кај новинарите и уредниците. Пред да се применат ВИ- системи, особено во чувствителни контексти како избори, конфликти или здравствени кризи – медиумите треба да спроведат проценка на ризик, земајќи го предвид влијанието врз јавната доверба, ранливите групи и интегритетот на информацијата. Алгоритмите не смеат да носат одлуки без значајна човечка контрола.

Веродостојност и проверка на факти

Целата медиумска содржина креирана со помош на ВИ треба да биде подложна на истите стандарди за верификација, точност и етичка обработка како и содржината креирана без користење на ВИ.

Плурализам, различност и заштита на ранливи групи

Новинарите треба да бидат свесни дека ВИ може да репродуцира или засили дискриминација, пристрасност или штетни стереотипи, како и да создаде т.н. „информациски балони“ што ја ограничуваат разноликоста на гледишта и извори.

Одговорност и надзор при користење на ВИ

Медиумите треба да воспостават внатрешни политики и насоки за одговорна и етичка употреба на ВИ.

Приватност и заштита на податоци

Принципите за заштита на личните податоци треба строго да се почитуваат при секоја употреба на ВИ. Секое собирање или обработка на лични податоци без информирана согласност и соодветна правна основа не е дозволено.

Образование и ВИ писменост

Потребна е системска поддршка за едукација на новинарите, медиумските работници и јавноста за критичко разбирање и безбедна употреба на ВИ. ВИ писменоста треба да стане составен дел од медиумското образование и од јавните кампањи.

Модернизација на етичките рамки

Треба да постојат ефективни механизми за жалби и интервенција при неетичка или манипулативна употреба на ВИ-содржини.

Медиумите како чувари на демократијата

Медиумите треба да ја задржат улогата на чувари на власта, а ВИ треба да се користи како поддршка за оваа демократска функција. Алгоритмите би требало да ја засилат, а не да ја прикријат, одговорноста, транспарентноста и јавниот интерес.

 

Заклучок

Во време кога вештачката интелигенција сè повеќе станува дел од медиумскиот екосистем, неопходно е таа да се користи етички, одговорно и транспарентно.

Ние, потписниците на оваа декларација, се обврзуваме да:

  • Ги унапредиме новинарските етички кодекси соодветно на новите етички предизвици;
  • Поттикнуваме соработка и размена на добри практики меѓу саморегулаторните тела и медиумските здруженија во регионот;
  • Обезбедиме континуирана обука за одговорна примена на ВИ во медиумите;
  • Ја унапредиме јавната свест и да ја зголемиме критичката ВИ писменост кај новинарите, медиумските професионалци и граѓаните.

Убедени сме дека само преку етика, транспарентност и заедничка визија може да изградиме медиумски систем кој е отпорен, инклузивен и достоен за доверба од јавноста во дигиталната ера.

Охрид, мај 2025

                                                        Logomark ethics council blue        Unesco logo hor blue      En funded by the eu pantone

Scroll to Top