Усвоени нови критериуми за членство во Промедиа

Претставници на повеќе онлајн медиуми на вчерашниот состанок ги усвоија критериумите за членство во Регистарот на професионални онлајн медиуми Promedia.mk. Онлајн медиумите кои во иднина ќе сакаат да членуваат во Регистарот на Промедиа, ќе треба освен објавувањето на импресум и сопственичката структура, да имаат најмалку двајца вработени, да објавуваат редовно содржини, како и да се регистрирани трговски друштва или здруженија кои „не учествуваат на пазарот на комерцијално и политичко рекламирање и огласување“. Исто така, на состанокот беа усвоени и правилата за преземање содржини меѓу членките на Промедиа.

Во продолжение ги објавуваме критериумите за членство во Промедиа, како и правилата за преземање содржини меѓу членките на Промедиа:

Критериуми за членство на онлајн медиуми во Регистарот на професионални онлајн медиуми Promedia.mk на СЕММ 

Во promedia.mk односно во СЕММ можат да членуваат онлајн медиуми кои: 

1. Имаат МК домејн.

2. Имаат наведено веродостоен импресум (име и презиме на главен односно одговорен уредник и состав на редакцијата), адреса и други неопходни податоци за контакт.

3. Редовно објавуваат информативни содржини од јавен интерес.

4. Го наведуваат датумот и часот на објавување на своите содржини.

5. Имаат регистрирано деловно активно трговско друштво или деловно активнo здружениe на граѓани кое не учествува на пазарот на комерцијално и политичко рекламирање и огласување.

6. Транспарентно ја декларираат сопственоста и начинот на финансирање согласно со законите, а на барање на СЕММ и на promedia.mk, презентираат и податоци неопходни за ажурирање на членството.

7. Имаат по двајца вработени во редакцијата, согласно со Законот за работни односи.

8. Редовно објавуваат авторски содржини, со почитување на авторските права во согласност со законот и во согласност со Основните правила на преземање содржини меѓу членките на promedia.mk.

9. Имаат објавено ценовници за рекламирање.

10. Видливо ги означуваат платените комерцијални содржини.

11. Ги почитуваат Кодексот на новинарите, Повелбата за етичко известување за избори и Статутот на СЕММ.

12. На својата страница ќе постават банер со кој се обврзуваат дека ги почитуваат Кодексот на новинарите и принципите на саморегулацијата.

13. Ги објавуваат одлуките на СЕММ и се вклучуваат во процесот на медијација.

14. Го прифаќаат правилото според кое медиумот се исклучува од членство по 3 одлуки на Комисијата за жалби во рок од 3 месеци, во коишто е утврдено прекршување на Кодексот на новинари, при што Управниот одбор на СЕММ го зема предвид однесувањето на медиумот во текот на процесот, учеството во медијација и поправката на стореното прекршување.

15. Прифаќаат редовно ажурирање на регистарот promedia.mk на секои 3 месеци, од страна на СЕММ и ЗНМ, во координација со Комисија на promedia.mk.

___________________________________________________________________

Основни правила на преземање содржини меѓу членките на promedia.mk 

  1. Професионалните онлаjн медиуми членки на promedia.mk и СЕММ ги почитуваат авторството и авторските права согласно со законот, како еден од клучните етички и професионални стандарди на новинарската професија.
  2. Под поимот содржини во контекст на овие Основни правила, се подразбираат текстови со различни жанровски особености, фотографии, видеа и други мултимедијални содржини, со кои медиумите известуваат за настани и појави од најразлични области, како и мислења во различни жанровски облици.
  3. При преземање содржина од друг онлајн медиум, задолжително е во насловницата (во наднасловот, поднасловот, или во насловот, а по исклучок кога нема поднаслов, во лидот односно во првата реченица на веста) да се наведе од кој медиум е преземена содржината.
  4. Покрај правилото од точка 3, при преземање содржина од друг онлајн медиум, потребно е на соодветно место да се објави хиперлинк до изворната содржина.
  5. На начинот опишан во точките 3 и 4, дозволено е преземање најмногу до 20 отсто од оригиналната содржина.
  6. Секој медиум за одделни содржини, за кои смета дека имаат карактер на ексклузивност, може да постави дополнителни услови за преземање (ембарго за преземање и слично), при што дополнителните услови ги објавува за секоја содржина, со јасен и видлив текст или со друг вид јасна и разбирлива ознака.

Усвоени на 15.11.2022 на состанок на членки на promedia.mk 

Координатор Бранко Героски

Scroll to Top