Соработката, пак, на медиумите со граѓанските организации е важна, бидејќи тие располагаат со експертиза, ресурси, истражувања и податоци кои можат да помогнат во насока на едуцирање, спречување или заедничко делување во овие области. Ова беа некои од темите за кои се дискутираше на работилницата „Улогата на редакциите во спречувањето на говорот на омраза, дискриминацијата и дезинформациите“, којашто ја организираше Советот за етика во медиумите на Македонија на 8 февруари 2021 година, со поддршка од Канадскиот фонд за локални иницијативи и Цивика Мобилитас.
Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија, информираше дека најчестите прекршувања на професионалните и на етичките стандарди и во 2020 година се однесувале на членот 1 од Етичкиот кодекс, кој е поврзан со вистинитоста и објективноста на објавените информации во медиумите. Според неа, кај одредени медиуми било забележано сензационалистичко известување, непостоeње дистанца од политичките субјекти за кои се известувало, а во СЕММ биле пријавувани и шпекулации во медумското известување. Само 5% од пријавените случаи се однесувале на говор на омраза, што е најмал процент во однос на изминатите години, информира Тунева, истакнувајќи дека сепак овој процент не значи оти оваа појава е искоренета, туку е можеби позачестена на социјалните мрежи.
Со намера да се слушне гласот на новинарите кои секојдневно во својата работа се соочени со говор на омраза и дискриминација, Огнен Јанески, уредник и водител во ТВ 24, претстави примери од своето 13-годишно искуство при водењето контактни емисии и емисии во живо. Според него, умешноста и искуството се особено важни кога новинарот треба да се справи со конкретна ситуација во живо во која гледачот употребува говор на омраза. „Омразата, нетолерантноста, немањето чувство на одговорност за искажаното, денес се многу поприсутни од претходно. Оваа ситуација се пресликува од еден на друг социјален медиум, а потоа и на традиционалните медиуми“, смета Јанески. Според него, водителот има голема одговорност при водењето на емисиите. „Колку и да објаснувате што претставува говорот на омраза наспроти слободата на изразување, па дури и да ги замолите гледачите да внимаваат во однос на комуникацијата, тоа ќе потрае недела-две. Потоа, се случува истото, а вие треба повторно да ја ‘трасирате’ комуникацијата“, додава Јанески. Темите поврзани со меѓуетничките прашања, внатрешната или надворешната политика, особено предизвикуваат пожестока реторика и говор на омраза, заклучува тој.
Новинарите да ги пријавуваат во МВР сите случаи на говор на омраза, особено кога има повици за убиство, апелираше Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинарите на Македонија, кое се обидува да ги регистрира сите пријави во однос на кои институциите регирирале.
Емисиите во живо и состојбите што се пласираат или што се третираат преку нив се многу покомплицирани и многу помоќни, смета Столe Наумов, уредник и водител на контактната емисија „Стадион“ на радио Канал 77. Според него, граѓаните при јавување во живо, сепак, се културни и одговорни. „За разлика од тоа колку говор на омраза има на социјалните мрежи, во овие емисии тоа е на ниво на мали деца“, констатира тој. Дезинформациите денес можат многу полесно да се пласираат, затоа што порано имаше филтри – уредници, а денес секој слушател, гледач, читател треба биде сам свој уредник, смета Наумов. „Сепак, за тоа е потребно знаење, писменост, треба да се следи сè што се случува, да се има прединформации, контекст. За борбата против дезинформациите потребно е повеќе знаење“, заклучува тој.
Димитар Мицев од ТВ Вис Струмица истакна дека иако телевизијата нема таков тип емисија, сепак, колегите ги модерираат сите коментари на Фејсбук, Јутјуб и на социјалните мрежи и ги анализираат коментарите на корисниците, особено оние кои содржат навреди и омаловажувања. „Практично, се соочуваме со проблем од новите генерации коишто јавно, со име и презиме, шират секаков тип информации, лажни вести, говор на омраза“, заклучува Мицев.
Новинарката Санта Аргирова ја истакна улогата на уредниците да го спречат објавувањето неточни, погрешни или искривени информации и слики, што многу често вклучуваат наслови или најави кои не соодветствуваат со текстот или прилогот. „Кога има недостиг на јасна и истакната уредувачка политика, која подразбира владеење на етички стандарди, тоа е ‘црвеното знаме’ што укажува на содржина за сомневање. Првото правило што се учи е дека треба да ги консултираш двете страни. Ама како тоа се рефлектира кај нас? Новинарот ќе ги праша едните и другите и нам ќе ни презентира прилог со две страни. Но, каде е темата, каде е прашањето за кое дискутираме? Новинарите многу често не ни објаснуваат доволно за прашањето, не ни даваат доволно факти за да процениме која страна е во право. Дополнително, треба да ги знаеме сите информации за една тема, за што новинарите треба и самите да се подготват“, истакнува Аргирова.
Според Џелал Незири од Центарот за истражувачко новинарство-СКУП треба да се внимава на тоа што одредени центри на политичка моќ може да ги злоупотребуваат контактните емисии за да создадат одредена перцепција дека гласот на народот е за или против одредена тема во зависност од нивниот интерес. Затоа, препорачува тој, треба внимателно да се избираат темите, бидејќи публиката не може да биде компетентна за секоја тема која се отвора. Според него, важно е да се детектира и дали самата емисија поттикнува слободно мислење на граѓаните или, пак, овозможува пласирање партиска пропаганда и организирање на партиското членство да се јавува и да поддржува одредени ставови.
Драган Секуловски од ЗНМ потенцираше дека ниското ниво на политичката култура кај повеќето политичари од сите страни има силен придонес во квалитетот на јавната дебата. Стилот на изразување со вулгарни и недолични зборови кои лидерите на политичките партии ги користат во дебатните емисии потоа граѓаните го имитираат во контактните емисии, истакнува Секуловски.