Донесени Препораки за етичко известување за деца и млади

Препознавајќи ја потребата медиумите да се придржуваат до највисоките етички и професионални стандарди за известување за децата и младите, како и активно да придонесуваат во заложбите за подобрување на амбиентот за заштита и промовирање на нивните права, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), во партнерство со Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, а врз основа на меѓународните конвенции, Законот за правда за децата, Кодексот на новинарите и Насоките за професионално известување во онлајн медиумите, ги објавува следниве препораки:

  1. Да се почитува и афирмира достоинството на децата и младите, како и да се застапуваат и унапредуваат нивните права и интереси во сите околности на новинарското известување;
  2. Да не се дискриминираат децата и младите по ниту една основа (пол, род, етничка припадност, возраст, верска припадност, образование, физички способности, итн.);
  3. Да се известува на начин којшто е ослободен од стереотипи и сенза-ционализам, со почитување на приватноста и зачувување на честа и угледот на децата и младите;
  4. Да се овозможи соодветна примена на правото на децата и младите да ги искажат своите гледишта, во согласност со нивната возраст и зрелост и истите да бидат земени предвид во новинарското известување;
  5. Да се обезбеди право на пристап до медиумите и медиумските содржини на децата и младите, секогаш кога тоа е возможно, за да го изразат своето мислење без какво било влијание, со што би се одбегнало маргинализирање на темите поврзани со децата и младите во секојдневното известување;
  6. Да се гради и применува уредувачка политика на медиумите која ги става во преден план потребите и најдобрите интереси на децата и младите, како и континуирано и конзистентно да се следат информациите и настаните поврзани со деца и млади, со нагласена едукативно-превентивна улога на медиумите;
  7. Да се воспостават механизми во медиумите за заштита на децата и младите од медиумско известување кое се заснова на дезинформации, политичка пропаганда и агитација, економска манипулација, порнографски содржини, религиозен фанатизам, создавање и подгревање на стереотипи и дискриминација по сите основи;
  8. Да се воспостават механизми во медиумите за заштита на децата и младите од медиумско известување кое се заснова на дезинформации, политичка пропаганда и агитација, економска манипулација, порнографски содржини, религиозен фанатизам, создавање и подгревање на стереотипи и дискриминација по сите основи;
  9. Да се обезбеди заштита на приватноста на децата и младите кога за нив се известува како жртви или кога тие се јавуваат како извори на информации, односно да не се открие нивниот идентитет (на пример, преку откривање информации за семејството, местото на живеење, училиштето и сл;
  10. Да не се користат фотографии, изјави и видео – записи од деца и млади без согласност од родител/старател/институција-старател. Едновремено, медиумот да го задржи правото да не ја објави информацијата доколку процени дека со тоа ќе се направи поголема штета, односно малолетникот ќе се изложи на ризик и покрај претходно добиената согласност;
  11. Да се замагли ликот и името на децата и младите, освен кога се работи за информации и настани со позитивен контекст и тоа со претходно добиена согласност од детето, родителот/старателот институцијата-старателот;
  12. Да се почитува презумпцијата на невиност кај децата и младите, подеднакво како и за возрасните, како што е уредено со Етичкиот кодекс на новинарите и како загарантирано уставно право во Р. Северна Македонија.

Препораките за етичко известување за деца и млади се изработени во рамки проектот „ЕУ поддршка за подобрување на медиумската етика”, финансиран од Делегацијата на Европската Унија.

Scroll to Top