Најважната цел на овој процес е да ѝ помогне на јавноста полесно да препознае кои медиуми ги исполнуваат критериумите за членство ( https://semm.mk/chlenstvo/pravila-za-chlenstvo ) и се придржуваат до стандардите на етичкото известување при своето работење.
Имајќи ја предвид кризната ситуација што ја предизвика пандемијата на коронавирусот (КОВИД-19), како во државата, така и на глобално ниво, нашите две организации ќе продолжат да ги повикуваат медиумите да се однесуваат професионално и етички и да не придонесуваат во ширењето невистини и предизвикувањето паника во јавноста. Ширењето на КОВИД – 19 е причина за голема загриженост кај јавноста, но известувањето во некои медиуми придонесува кон зголемување на вознемиреноста на начин што не е етички оправдан, а ширењето дезинформации може да доведе до сериозни последици.
Оттука, апелот за зачленување во Регистарот е дел од заложбите да се поттикне значајната улога на медиумите во правилно разбирање на појавата на коронавирусот, последиците од неа и начините на ефективна превенција.
Наш заеднички интерес е да се зголеми членството на медиумите во овој Регистар, а со тоа и определеноста на медиумите да работат професионално, одговорно и етички преку почитување на процесот на саморегулација и критериумите кои што се засноваат на практиката во развиените демократски општества и Советот на Европа, а консултирани со новинарската и медиумската заедница. Досега овој процес е поддржан од голем број медиуми, Стопанската комора на Македонија и меѓународната заедница, а во моментот Регистарот има 102 членки.
СЕММ веќе добива претставки за неетичко известување во врска со коронавирусот, а во таа насока апелираме до јавноста да продолжи да реагира на случаите на непрофесионалност и да придонесе во спречувањето на дезинформациите во медиумите.