Сè поголема е загриженоста околу онлајн насилството врз новинарките, проблем којшто може да доведе до последици од многу поголеми размери. СЕММ и ЗНМ сметаат дека само преку системски решенија и преку промена на законската регулатива може да се спречи евентуалното насилство врз новинарките и медиумските работници.
Кон крајот на минатата година, извештај во врска со овој проблем објавија УНЕСКО и Меѓународниот центар на новинари, во кој што се вели дека онлајн насилството е новата линија на фронтот во безбедноста на новинарството и тоа е особено опасно за жените. Жените – новинарки, исто така, се изложени на многу поголем ризик во текот на нивната работа, особено на дигиталните платформи.
Тие таму се соочуваат со говор на омраза, дезинформации и слични штетни појави кои што имаат застрашувачки ефект врз самите новинарки. Оттука, упатуваме на соработка меѓу редакциите, граѓанскиот сектор, креаторите на политики и правната и судската заедница. Само со конкретна акција ќе се создаде основа за постепено и коренито решавање на овој проблем.