Таквите критики единствено може да се разберат како закани кон новинарката и нејзината критичка проценка за начинот на којшто работат други медиуми, нешто што како носител на професијата таа апсолутно смее да го прави и е дозволиво со Законот за медиуми.
Ваквите притисоци врз новинарите, било директни или индиректни, сериозно може да влијаат врз начинот на којшто ја остваруваат својата дејност, изборот на сториите за кои што известуваат и начинот на којшто ќе обработуваат прашања од јавен интерес.
Слободата на изразување подолго време била на удар на голем број на моќници кои се обидувале да воспостават контрола врз работата на новинарите и медиумите. Притоа цензурата била и ќе остане непримерен облик на загрозување и ограничување на слободата на изразување во новинарската професија.
Токму општествената положба на новинарската професија е индикатор за проценка на степенот на кој е загарантирана слободата на изразување, мислење, информирањето, критиката или воопшто постоење на слободен и демократски живот.
Притисоците и заканите кон новинарите мора да се разгледаат и од аспект на фактот дека државата подолго време се соочува со пад на слободата на изразување во споредба со други региони во светот, како и во однос на препораките од релевантни домашни и меѓународни тела и организации дека сѐ уште треба да се работи во оваа сфера во потенцијалните земји – членки на ЕУ.