Отворен ден на Советот за етика во медиумите во Гостивар – SEMM

Отворен ден на Советот за етика во медиумите во Гостивар

Зборувајќи за значењето на медиумската саморегулација, извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева, истакна дека таа овозможува заштита на уредувачката слобода, намалување на државното влијание, промоција на квалитет во известувањето и полесен пристап на јавноста до медиумите.

„Најважниот апел што сакаме да го испратиме е медиумите да дејствуваат како стожери на јавниот интерес и да известуваат, пишуваат и објаснуваат во согласност со највисоките стандарди на професијата“, рече Тунева.

Претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски, нагласи дека целта на отворениот ден е пошироката јавност одблиску да се запознае со работата на СЕММ како саморегулативно тело и со тоа да се поттикнат граѓаните внимателно да го следат известувањето на медиумите и да се поттикнат да поднесуваат претставки до Советот.

„Преку можноста за поднесување жалби, остварување директен контакт со медиумот и донесување одлуки се зголемува довербата и кај медиумите и кај граѓаните“, рече Теофил Блажевски, член на Комисијата за жалби при СЕММ.

Во тој процес од клучно значење, според Сефер Тахири, е уредувачката одговорност и независност во медиумите. „Тука сме да зборуваме за важноста на етиката во професијата, но и за правата на новинарите на слободно изразување и безбедна работа. Саморегулацијата го поддржува тој процес“, рече Сефер Тахири од Комисијата за жалби.

„Уредувачката одговорност и независност е од клучно значење за професионална работа на медиумите. Тука нема компромис“, нагласи Ердем Амет, претставник на Жалбената комисија на СЕММ.

Советот за етика во медиумите од своето формирање пред неполни пет години има донесено 290 одлуки. Ваквиот тип на отворени седници ќе биде императив на Советот за етика и во понатамошното дејствување и промовирањето на саморегулацијата во државата.

11211

Scroll to Top