СЕММ, АВМУ и Народниот правобранител мора да имаат меѓусебна синергија за искоренување на говорот на омраза и дискриминацијата

Ако прифаќаме дека говорот на омраза треба да се разбере како термин кој ги опфаќа сите форми на изразување со кои се шири, поттикнува, промовира или оправдува расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на омраза заснована на нетолеранција, вклучувајќи и нетолеранција изразена во форма на агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство кон малцинства од секаков вид (етнички, полов, социјален), мигранти и лица со имигрантско потекло (таква е препораката од Советот на Европа), мора да постои консезус дека тој претставува длабока аномалија во општеството. Особено за такво какво што е македонското, кое припаѓа на категоријата – транзициски демократии.

Во таквите општества дискриминација може да сретнете, практично, на секој чекор, а неретко таа многу лесно се трансформира во говор на омраза – преку стереотипизацијата, непотребното истакнување на одредена припадност на актерите на некој настан, негативната контекстуализација, преголемото фокусирање на некакви маргинални појави, итн. Особено е присутна на Интернет, во прв ред на социјалните мрежи, каде што актерите не се воздржуваат да ги употребуваат во комбинација со најниски страсти, инспирирани од желбата спротивниот да биде стигматизиран по секоја цена.

Се среќава и во медиумите, иако многу поретко во последните неколку години. Ако во минатата година Советот за етика во медиумите на Македонија добил четири жалби препратени од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а во две од нив пронашол елементи на говор на омраза и дискриминација – за многумина ова значи дека појавниот облик на говорот на омраза и дискриминација стивнува во медиумите. Радува фактот што и кај радиодифузерите сè поретко го има, во споредба со порано, кога јавноста беше сведок на вистински арсенал на непримерни изблици од личности кои пропагираа сè што е спротивно на синергија за сите општествени темели. Особено по законските измени од 2018 година, со кои АВМУ доби механизам за прекршочно постапување и санкционирање на сторителите, иако сè уште има дилеми дали пропишаната висина (максимално пет илјади евра) е доволна за зауздување на ваквите појави. Овој механизам во претходните две години сè уште не е употребен. Но, тоа не значи дека алармот треба да се исклучи.

Пред сè, мора и треба да се воспостави адекватен систем за санкционирање од државата, како и за бесплатна правна помош и подигнување на јавната свест. Она што се очекува од органите на прогонот, во прв ред, Јавното обвинителство, но и Комисијата за заштита од дискриминација, е да реагираат брзо, целосно и ефикасно на ваквите појави и нив да ги сосечат во корен. Иако, мора да се каже дека досегашната практика покажа дека овие две институции не покажаа завидна ефикасност во елиминирање на овие општествени аномалии. Затоа, препораката и од релевантни меѓународни извештаи е да постои повратна врска со која Јавното обвинителство и другите надлежни институции ќе ја информираат АВМУ, до каде е постапувањето по барањата поврзани со говор на омраза и дискриминација.

Ефектот ќе биде уште подобар доколку и Советот за етика за секоја медиумска содржина која има елементи на говор на омраза, врз основа на донесените одлуки на Комисијата за жалби, поднесе барање за кривично постапување до ЈО и, истовремено, го извести и Народниот правобранител да преземе мерки за заштита на дискриминираните лица или групи. Само на овој начин ќе може да се каже дека системот навремено и ефикасно реагирал на каква било појава на говор на омразa.

Второ поле каде што може да се оствари плодна соработка меѓу СЕММ, АВМУ и Народниот Правобранител, секако, е заштитата на малолетните лица од програми што можат да му наштетат на нивниот физички, психички или морален развој, како што е забрана за емитување на порнографија и прекумерно насилство на екраните. Регулаторот има воведено категоризација на програмите – кои содржини во кој период од денот може да се емитуваат, како и задолжителното замаглување на ликовите на лица помлади од 18 години во новинарските прилози и другите содржини кои ги обработуваат теми поврзани со малолетниците.

Соработка веќе има во однос на медиумската писменост, особено преку Мрежата за медиумска писменост, каде што СЕММ и АВМУ се членови, а Омбудсманот е набљудувач. Но, треба да се подобри на полето на социјалната инклузија – поточно на адаптирањето на програмите за лицата за сетилна попреченост. Засега, многу малку од радиодифузерите го овозможуваат ова. Има обид преку нивна саморегулација тој процент во следните неколку години да се зголеми. Но, неопходно е Народниот правобранител, преку различни модалитети (објави, укажувања, медиумски кампањи), да ја потенцира важноста на социјалната инклузија на ваквите лица во општеството.

АВМУ и СЕММ соработуваат и во остварувањето на основните програмски начела кај радиодифузерите, особено оние за:

  • Негување и развој на хуманите и моралните вредности на човекот и заштита на приватноста и достоинството на личноста
  • Еднаквост на слободите и правата независно од полот, расата, националното, етничкото и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба на човекот и граѓанинот
  • поттикнување на духот на толеранцијата, заемното почитување и разбирање меѓу индивидуите од различно етничко и културно потекло
  • заштита на идентитетот на жртвите на насилство
  • почитување на пресумпција на невиност
  • поттикнување на меѓународно разбирање и соработка, чувство на јавноста за правичност и за одбрана на демократските слободи.

Со законските измени од 2018 година, Советот воспостави практика сите извештаи од надзор поврзан со овие начела, како и изречените мерки да бидат испраќани во СЕММ, за да бидат разгледани од Комисијата за жалби од аспект на почитувањето на Кодексот на новинарите на Македонија, а поврзани со овие начела, како и со почитувањето на професионалните новинарски стандарди во работата на медиуми. Соработката може да се подобри во смисла на тоа сите проблематични содржини регистрирани или по службена должност или по претставка АВМУ, наместо да ги анализира, веднаш да ги препраќа до Комисијата за жалби во СЕММ. Освен за последниот принцип (почитувањето на професионалните стандарди), што е предмет на внатрешна опсервација на новинарската фела, за сите останати начела има простор за вклучување на Народниот правобранител, бидејќи спаѓаат во негова сфера на дејствување во македонското општество.

Впрочем, до вакви поенти се дојде на онлајн дебатата насловена како “Поврзување меѓу саморегулаторното тело, регулаторот за радиодифузни медиуми и Народниот правобранител во заштита на човековите права и реакција на говорот на омраза во медиумите“. Дебатата отвори повеќе прашања, повеќе теми од заеднички интерес и заклучоци со кои се повика на координирана акција за подигнување на јавната свест, едукација и сензилибирање и на новинарите и на невладиниот сектор и други влијателни поединци и групи во јавниот живот, преку почести дебати и обуки кои, недвосмислено, ќе го подигнат капацитетот за нивно препознавање и осудување. Но, пред сè, на државните институции. Затоа што без нивна целосна, ефикасна и посветена вклученост во искоренување на ваквите девијантни општествени појави, сите други повици и апели ќе останат само тоа.

Scroll to Top