Датум средба/настан: 07.10.2021
Тема/наслов на настанот: Саморегулацијата и нејзиниот развој и предизвици
Регион: Североисточен
Саморегулација на медиумите – можност за професионални и независни медиуми
Советот за етика во Медиумите на Македонија (СЕММ) на онлајн средба со новинарите од Куманово, односно Североисточниот регион во државата, дебатираше за важноста на саморегулацијата кај медиумите и за потребата од системска поддршка за СЕММ.
„Целта на саморегулацијата не е да биде цензура или да наметне автоцензура, туку да ги застапува и да ги брани принципите на етичкото, точното, објективното новинарство кое ги почитува човековите права, при што целосно се запазува слободата на уредувачката политика во однос на тоа што и како ќе биде презентирано од страна на медиумот“ рече проф д-р. Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби. Според него, во саморегулацијата треба да се вклучуваат поголем број уредници, новинари, а секако и сопственици на медиумите, бидејки таа им помага и им овозможува на самите медиуми да го истакнат својот квалитет и одговорност и да имаат можност да се промовираат пред публиката, со цел тие што ги почитуваат професионалните стандарди да направат дистанца од неодговорните медиуми.
На средбата се отвори и прашањето за изнаоѓање модели во врска со одржливоста на саморегулативното тело, за што во моментов и наредниот период ќе се водат отворени дискусии за поддршка и соработка со сите битни чинители, а пред сè со медиумите.
„Во комуникацијата со сите чинители, медиумите и институциите укажуваме на оваа потреба и на фактот дека ни е потребна соработка и поддршка. Се поставува и прашањето колку е поготвена медиумската индустрија да поддржи ваков тип на тела“, истакна извршната директорка на СЕММ Марина Тунева во врска со потребата од одржливост на саморегулативното тело.
„Сметам дека и колегите ќе се согласат дека саморегулацијата треба да ја поддржиме ние самите, одвнатре, во прв ред медиумите“, истакна Тунева.
На дебатата се дискутираше и за моделите на финансиска поддршка на СЕММ преку воведување членарина. „Можеби би можел да учествува јавниот сервис, националните медиуми со теристеријална лиценца или, пак, националните кабелски телевизии, а исто така да има одредено ниво на годишна членарина за локалните и регионалните медиуми, или пак порталите кои што функционираат на локално или регионално ниво. Преку ваквиот модел самите медиуми полека би почнале и директно да ја поддржуваат саморегулацијата и самоодржливоста на СЕММ, бидејки ова тело е за медиумите, за новинарите, за слободата на медиумите.“ рече Тахири.
На оваа тема се надоврза новинарката Сузана Андоновиќ, која ги истакна незавидните услови во коишто функционираат дел од медиумите на регионално и локално ниво, упатувајќи на потребата да се земат предвид околностите во коишто работат самите медиуми при определувањето на механизмот на поддршка.
СЕММ најави дека наскоро ќе се одржи редовното годишно собрание на организацијата, на кое што, меѓу другото, ќе се дискутира и за прашањето околу одржливоста на организацијата. Подготвена е и анализа на моделите на поддршка на саморегулативните тела ширум светот, чии што наоди ќе бидат претставени на тој настан.
Оваа средба е дел од серијал на дебати и средби кои Советот на етика во медиумите ги организира со медиумите од сите региони во државата во рамки на проектот „Поддршка на слободата на изразување во медиумите во Северна Македонија“ што го имплементира СЕММ со поддршка на делегацијата на ЕУ.