Регионалните и локални медиуми против политички и бизнис условувања

Регионалните и локални медиуми ги притискаат финансиски и кадровски проблеми, што директно се одразува на квалитетот на содржините, истакнуваат неколкумина сопственици и уредници на медиуми во Струмица и околните градови.  Во разговор со претставници од Советот за етика во медиумите на Македонија, на средбата што се одржа на 23 јануари во „Европската куќа“– Струмица,  медиумските сопственици и уредници посочија дека за квалитетни медиумски содржини не придонесуваат политичките и бизнис условувања, туку овозможувањето поволни материјални услови, без при тоа да се загрози независната уредувачка политика. Вакви средби СЕММ ќе организира и натаму, наредната недела во Тетово,  а подоцна и во Битола, како дел од активностите на проектот поддржан од УНЕСКО и Европската Унија: „Градење доверба во медиумите на Југо-источна Европа: Поддршка на новинарството како јавно добро“.

Целта на СЕММ, заедно со своите членки, но и со медиумите што сакаат да се зачленат во единственото медиумско само-регулаторно тело во Северна Македонија, е да ги продолжи заложбите за реформи на медиумската легислатива, поддршката на слободата на изразување и одговорното новинарство, преку негување на независни и плурални медиуми што го промовираат новинарството како јавно добро. Истовремено, медиумските сопственици и уредници се поттикнати да се заложат за повеќе „пријателски решенија“, односно за медијација, доколку се утврди дека го имаат прекршено Кодексот на новинарите или Насоките за етичко известување во онлајн медиумите, по примена жалба од граѓани, организации или институции, во случај на согласност и од жалителите. СЕММ ги охрабрува медиумите што повеќе да се заложат и за сузбивање на дезинформациите насочени против демократските вредности во општеството. УНЕСКО и ЕУ поддржуваат регионална кампања за борба против дезинформациите, во која се вклучени Советите за етика во медиумите на земјите од Западен Балкан.

Scroll to Top