Приватните онлајн медиуми најчести прекршители на етичките стандарди

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) спроведе мониторинг на 40-тина онлајн портали, во обид да утврди колку се почитуваат етичките стандарди во известувањето и колку е транспарентно медиумското сопствеништво. Набљудуваните медиуми беа селектирани по случаен избор од регистарот „Промедиа.мк“, каде што членуваат преку 100 портали, кои доброволно се заложиле дека ќе ги почитуваат критериумите на СЕММ за членство,  што меѓудругото подразбира: почитување на Кодексот на новинарите на Македонија, објавување на одлуките на Комисијата за жалби при СЕММ и учество во медијација, но и дека имаат „мк“ домејн, целосен импресум и информација за деловно активно трговско друштво или здружение на граѓани како основачи на медиумот, транспарентно декларирање на сопственоста и начинот на финансирање и најмалку двајца вработени во онлајн медиумот.

Но и покрај декларираните заложби за етичко известување и членство во саморегулаторниот регистар, мониторингот покажа дека повеќе од приватните медиуми, особено тие во сопственост на бизнисмени или новинари, често ги кршат основните новинарски принципи – особено правилата за наведување на изворите на информации, избегнување плагијаторство и сензационализам.

Наспроти ова, медиумите основани од непрофитни организации покажаа повисоко ниво на усогласеност со стандардите за етичко и одговорно новинарство.

Резултатите од мониторингот ја нагласуваат итната потреба од посилна медиумска отчетност во кревкиот демократски контекст во Северна Македонија.

Сондажата, спроведена според методологија на СЕММ, се одвиваше во периодот февруари-мај 2025. Беа опфатени 39 медиуми од регистарот  Promedia.mk (со неделна случајна селекција, идентификација на видови на сопственоста, систематска анализа на содржините и кодирање на објавените содржини според етички критериуми) при што беа анализирани речиси 2.000 написи.

Во фокусот беше утврдувањето на тоа како различните модели на сопственост: корпоративна, во сопственост на новинари, непрофитна или јавни институции, влијаат на новинарскиот интегритет и почитувањето на етичките стандарди.

II. Општ преглед на податоци

Во текот на мониторингот првично беа селектирани вкупно 43 онлајн медиуми, но 4 од нив беа исклучени бидејќи не објавуваа содржина континуирано. Преостанатите 39 медиуми беа избрани преку повеќекратна неделна случајна селекција, со цел да се минимизира пристрасноста. Секоја недела се заменуваа четири медиуми за да се обезбеди динамичен и репрезентативен примерок.

Како што покажува Табела 1, големото мнозинство од анализираните медиуми (31, или 79%) беа во приватна сопственост. Во рамките на приватната сопственост, СЕММ направи важна разлика помеѓу бизнис/корпоративна сопственост и сопственост од индивидуални новинари (оваа разлика е особено релевантна за контекстот на Северна Македонија). Од 39 валидни медиуми – 17 биле во сопственост на бизнисмени, 14 во сопственост на новинари, 6 во сопственост на непрофитни организации, а 2 медиуми во јавна сопственост.

Type of ownership

No. DMSP

Private – businessman

17

Private – journalist

14

Not-For-Profit

6

Public

2

Not Known

0

Total

39

Table 1

Во вкупно анализираните 1.966 статии, значаен дел од содржината (87% или 1.680 статии) потекнуваше од медиуми во приватна сопственост. Овој обемен збир на податоци овозможува значајна анализа на шаблоните и почитувањето на етичките стандарди според видот на сопственост.

Транспарентност и членство

Транспарентноста на сопственоста останува клучен столб на етичките стандарди на СЕММ. Иако сите анализирани онлајн медиуми се членки на СЕММ, усогласеноста со очекувањата за транспарентност е нерамномерна. Додека 28 медиуми имаа „импресум“ со комплетни или скоро комплетни информации, 7 медиуми имаа делумни податоци во „импресум“ секциите, а 4 медиуми немаа такви информации. Ова укажува на континуиран предизвик: СЕММ треба дополнително да ги зајакне критериумите и спроведувањето на транспарентноста, дури и за медиуми кои се членки на регистарот „Промедиа.мк“.

Type of ownership

No. outputs

%

Private – businessman

823

0.419

Private – journalist

857

0.436

Not-For-Profit

214

0.109

Public

72

0.037

Not Known

0

0.000

Total

1966

1

Table 2

Транспарентност на изворите

Според Член 4 од Кодексот на новинари, новинарите треба да бидат транспарентни за изворите на информации, освен кога е оправдано тие да се заштитат. Но, во локалниот медиумски екосистем, анонимноста често се злоупотребува за ширење на непроверена или манипулирана содржина во корист на политички или корпоративни интереси.

Од 1.680 текстови во приватни медиуми, 221 (13%) употребиле анонимни или ненаведени извори без оправдување. Овој тренд укажува на манипулација со информации и е симптом на клиентелизмот присутен во медиумите во земјата. Непрофитните медиуми покажаа поголема усогласеност со етичката употреба на изворите на информации, што сугерира повисоко ниво на професионализам.

Пристап при известувањето

Член 8 од Кодексот повикува на внимателно и не-сензационалистичко известување, особено за чувствителни теми како што се несреќи, здравство, судски постапки и лични трагедии. Сензационализмот го нарушува јавниот дискурс и ја поткопува довербата во новинарството.

Во тримесечниот период на мониторингот, 191 написи (9,7%) беа идентификувани како делумно или целосно сензационалистички. Од нив, 170 потекнуваа од приватни  онлајн медиуми. И овде структурата на сопственост се покажува како значаен фактор: 76,6% од содржината на непрофитните медиуми беше поткрепена и не-сензационалистичка, додека само 29% од корпоративните медиуми ги исполнуваа овие стандарди.

Пресумција на невиност

Во Членот 8 од Кодексот на новинари на Македонија се додава: во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.Но од 573 анализирани текстови за правосудни теми во 54 (9.4%) оваа одредба беше прекршена, од кои 51 текс беа во приватните онлајн медиуми.

Behaviour

Frequency

%

Presumption of innocence not respected

54

9.4%

Presumption of innocence respected

519

90.6%

Total

573

100%

Заштита на човековото достоинство

Член 10 во Кодексот ја потенцира обврската на новинарот да ги заштити човековите права, да избегнува говор на омраза и да разобличи и отфрла дискриминација. Иако само 9 статии (0,5%) од анализираните скоро 2000, експлицитно ширеа омраза или дискриминација, 8 од нив беа објавени од корпоративни медиуми. Дополнително, 42 статии (2,1%) содржеа прикриени форми на дискриминација, а повеќето беа напишани во приватни онлајн медиуми.

Attitude towards groups

Frequency

%

Openly instigates discrimination and spreads hate speech

9

0.5%

Implicitly encourages discrimination and hatred

42

2.1%

Does not encourage discrimination or hatred

1847

93.9%

Openly advocates against discrimination and hatred

68

3.5%

Total

1966

100.0%

Охрабрувачки е што 68 статии активно се залагале против дискриминација, од кои:

  • 21 од корпоративни медиуми
  • 25 од медиуми во сопственост на новинари
  • 20 од непрофитни медиуми
  • 2 од јавни медиуми

Копи-пејст култура во медиумите

Плагијаторството, или препишувањето без да се наведе извор на информацијата, според Член 12 од Кодексот на новинарите претставува сериозен проблем. Мониторингот спроведен од СЕММ покажа дека од 1.966 анализирани статии, дури 722 (36,7%) беа целосно или делумно копирани. Од нив, 94,3% беа објавени во приватните медиуми.

  • Од 823 статии на корпоративни медиуми, 260 (32%) беа повторно објавени.
  • Кај медиумите сопственост на новинари, 421 од 857 статии (49%) беа плагирани.
  • Непрофитните медиуми имаа најдобри резултати: 76% од содржината беше оригинална.

Оваа „копи-пејст“ култура ја поткопува новинарската интегритет и го намалува квалитетот на содржината.

Оваа сондажа спроведена во текот на пролетта 2025 година, одново ја истакнува клучната улога на Советот за етика во медиумите на Македонија во засилувањето на медиумската саморегулација и следењето на тоа колку новинарите и медиумите ги почитуваат стандардите за етичко известување, како обврска кон читателите.

Анализата открива јасни шаблони каде структурата на сопственост значајно влијае врз етичките пропусти, особено во однос на транспарентноста, изворите на информации, плагијаторството и сензационализмот.

Приватните медиуми, особено тие чии сопственици се бизнисмени или новинари, многу почесто ги прекршуваат клучните етички принципи. Наспроти тоа, непрофитните медиуми континуирано покажуваат повисоко ниво на усогласеност со правилата за одговорно новинарство.

Резултатите од сондажата сугерираат дека за да се изгради поодговорен, етички и независен дигитален медиумски простор, СЕММ во иднина би требало да ги засили критериумите за членство, да укажува на стандардите за сопственост и транспарентност, да го промовира оригиналното и добро документирано новинарство и да се справува со прекршувањата преку интензивен дијалог и заложби.

Наодите од овој мониторинг претставуваат солидна основа за идни саморегулаторни мерки и ја зајакнуваат мисијата на СЕММ во обезбедувањето интегритет во новинарството во сите сектори на медиумите.

Scroll to Top