Конференцијата годинава беше организирана во Виена, каде што Австрискиот совет за етика, Presserat, одбележува петгодишнина од своето постоење. Една од главните цели на овогодинешниот настан беше да се дискутира за критериумите за членство во Алијансата.
Членки на оваа Алијанса се советите за етика на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Македонија и Косово (според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН). Учеството на овој годишен настан за нив претставуваше значителна можност за да ја зацврстат соработката и да разменат информации со колегите од Европа за етичките дилеми со кои се соочуваат во секојдневното работење при одлучувањето околу претставките за потенцијално нарушување на етичките кодекси. Беа организирани бројни работни групи за дискусија на етичките прашања, како што се рекламирањето и комерцијалната соработка или начинот на кој се известува за кризата со бегалците.
За време на конференцијата, Catherine Speller, автор на неодамнешниот Извештај на УНЕСКО за проценка на потребите на советите за етика во Југоисточна Европа пред сите членки на Алијансата ја презентираше идејата за проширување на табелите со информации за работењето на советите (што се содржани во извештајот за секој од советите), како ресурс за размена на информации.
Финансирањето на учеството на претставниците од Југоисточна Европа беше дел од финалните активности во рамки на проектот на ЕУ и УНЕСКО „Медиумска одговорност во Југоисточна Европа“, кој започна во јануари 2013 година. Целта на овој проект е да се зајакнат советите за етика во региониот, со оглед на тоа што се од суштинско значење за заштита на слободата на медиумите. Преку работата на тоа да се почитуваат етичките кодекси и преку справување со жалбите од читателите и гледачите, советите за етика докажаа дека им помагаат на медиумските професионалци подобро да се заштитат од неформалните економски и политички притисоци, притоа стекнувајќи доверба од медиумската публика.
Извор: unesco.org