Катерина Блажевска: Колективната одбрана на професионалните стандарди може да биде ефикасна само ако се темели и на нивна индивидуална одбрана

Со Катерина Блажевска разговаравме за ситуацијата со почитувањето на професионалните и етичките стандарди во новинарската професија во Македонија, од перспектива на состојбите за време на транзицијата и она што се случува во последните 15тина години.

СЕММ: Како накратко би ја опишале состојбата со почитувањето на професионалните и етичките стандарди во новинарството во државата?

Со чест на мали медиумски исклучоци, во Македонија професионалните и етичките стандарди во новинарството се речиси целосно избркани од професијата. Со еден збор, постојат за да бидат брутално изгазени секојдневно.

СЕММ: Со оглед дека долги години сте во новинарската професија, како новинар и уредник, кои трендови и етапи би ги идентификувале во однос на почитувањето на професионалните стандарди во новинарството, од осамостојувањето на Македонија, па се до она што сега ни се случува?

Во периодот непосредно пред и по осамостојувањето, важноста и улогата на професионалните стандарди бележеше интензивна нагорна линија во однос на квалитетот на нивното почитување. Партискиот плурализам, кој беше во зачеток, свој одраз имаше и во медиумите. Тоа во голема мера резултираше со плурализам на мислења, дебати, објективни и професионални новинарски производи, во кои, без ограничувања или цензура, беа изразувани различни ставови. Тоа беше период во кој медиумите почнаа да го градат своето суштинско, а не само фразеолошко значење на „седма сила“ или „четврта власт“. Тие беа професионален и демократски прозорец и во 1994 година, кога Собранието остана без парламентарна опозиција. По таа година, всушност започна партиското обојување на медиумите, пред сè на телевизиите, преку користење на коалицискиот или пратенички ангажман на нивните сопственици. Таквото влијание продолжи и подоцна. Во целиот тој период до денес, поради големо партиско и владино влијание и притисоци врз мејнстрим медиумите, новинарството е во слободен пад, а професионалните стандарди се два метри под земја. Исклучок од ова е периодот на Владата на Љубчо Георгиевски, во кој медиумите не беа барем под владин притисок.

СЕММ: Кои аспекти на прекршување на професионалните и етичките стандарди според вас се најзагрижувачки?

Загрижува елементарното непочитување на Кодексот. Но, тоа не е единствениот проблем. Ако претходната деценија ја одбележа почетокот на политичкото освојување не медиумите, во втората деценија тој тренд не само што уште поинтензивно продолжи, туку и се надгради со темелно уназадување на новинарството, преку инсталирање слаб медиумски филтер кој пропушти многу лица со елементарна неписменост. Резултатот од тоа денес е: и контролирано, и неписмено новинарство!

СЕММ: Колку и од кој аспект сметате дека експанзијата на новите интернет медиуми во последните години влијае на состојбите?

Во ситуација, кога секој може да стане новинар без да задоволува образовни критериуми и професионални стандарди, и кога социјалните мрежи се претворија во главна платформа за продуцирање и размена на информации, најчесто „полуфабрикати“, дел од интернет медиумите станаа главни дистрибутери и рециклатори токму на такви „продукти“. Од друга страна, пак, дел од интернет медиумите кои цврсто се држат до професионалните стандарди, во таков хаос стануваат невидливи, по принципот „од шумата не се гледа дрвото“. Метастазирањето на непрофесионалноста во интернет просторот, неоправдано фрла дамка и врз нив. Генерално, дел од интернет медиумите дополнително ја влошуваат постојната слика, а оние другите кои се малцинство во својата професионалност, иако даваат голема надеж, сепак не успеваат подлабоко да влијаат врз менувањето на севкупните состојби.

СЕММ: Како би ја оценила улогата на медиумската заедница во одбраната на професионалните стандарди, некогаш и сега?

Како дифузна, некоординирана и поделена. Колективната одбрана на професионалните стандарди може да биде ефикасна, само ако се темели и на нивна индивидуална одбрана. Заедницата не може да постигне успех ако поединци во неа секој ден ги уриваат тие стандарди.

СЕММ: Според вас, од каде треба да започне “рехабилитирањето“ на професијата и враќањето на основните новинарски стандарди, и каде ја гледате улогата на саморегулаторните механизми?

Рехабилитацијата треба да почне од поединецот. Секој новинар треба да се преиспита дали и колку ги почитува професионалните стандарди, дали е совладан од цензура или од автоцензура, дали новинарската слобода му е подјармена од економската неслобода, односно на зависноста од платата и од политичките преференции на работодавецот, и кому му служи новинарот во такви услови и околности? Потоа секој треба да донесе одлука, но и да преземе одговорност ако таа не е во интерес на професијата.

Scroll to Top