Професионалните новинарски здруженија и граѓанските организации од медиумскиот сектор во Македонија одново го изразуваат своето противење на обидите за враќање на државното рекламирање во медиумите, пред изборите, во скратена постапка, со злоупотреба на европското знаменце.
Станува збор за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој е на второ читање во Собранието. Медиумските невладини организации потенцираат дека планираната измена на овој закон претставува сериозно нарушување на основните демократски процеси со што се загрозува улогата и независноста на медиумите и на медиумскиот регулатор.
Како посебни проблеми во ова законско ги истакнуваат:
Партиско влијание и зависност на медиумите: воведувањето на државните кампањи во медиумите, особено во предизборен период, може да се толкува како обид за партиски поткуп и создавање зависност на медиумите, што сериозно ја компромитира нивната независност и медиумскиот плурализам, а со тоа и изборниот процес што следи.
Нарушување на медиумскиот пазар и на евро-интегративните процеси: злоупотребата на европското знаменце заради скратена постапка за промена на законите за медиумите ја избегнува потребната парламентарна дебата во Собранието, нарушувајќи ги принципите на отчетност и транспарентност и избегнување партиското влијание.
Игнорирање на критиките од експерти и меѓународни организации: медиумските експерти и меѓународните организации повеќе пати изразија сериозни забелешки на предложените законски измени, оценувајќи ги како несинхронизирани со ЕУ директивите и штетни за медиумскиот пејзаж и јавниот интерес во Македонија.
Противуставност на предложените измени: дел од предложените измените се во директен судир со основните уставни права на слобода на изразување и информирање, создавајќи нееднакви услови на пазарот за различен тип на медиуми и поткопувајќи ги принципите на рамноправност и транспарентност.
Поради ова, Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите, Неависниот синдикат на новинари и медиумски работници, Институтот РЕСИС, Макед0онскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Центарот за развој на медиумите бараат итно повлекување на предложените законски измени. Организациите одново посочуваат дека е крајно време да се формира Фонд за плурализам во медиумите, што би поддржал квалитетно новинарство и разновидна програмска продукција, наспроти државното рекламирање што служи како алатка за политички влијание и контрола.