Онлајн средба со новинарите во Вардарски регион 07.07.2021

Онлајн средба со новинарите во Вардарски регион одржа, денеска, среда, 7 јули , 2021 година Советот за етика во медиумите. На средбата Извршната директорка Марина Тунева ги запозна присутните со предизвиците и состојбите во медиумското известување во време на Ковид – 19. Тунева пред присутните ги соопшти, меѓу другото, најзначајните активности што СЕММ ги спроведе во услови на пандемија.

7d

„Подготвени се Насоки за етичко известување во онлајн медиумите како надополнување на одредбите содржани во Кодексот на новинарите, донесен во 2001 година, со цел да се одразат спецификите на овој тип медиуми. Исто така, сè уште најголем број од жалбите што СЕММ ги добива се однесуваат на онлајн медиумите. Имајќи предвид колку се бројни, тоа можеби е очекувано, но исто така има и бројни злоупотреби во медиумскиот простор. Сите знаеме колку често се дискутираше на оваа тема. Затоа одлучивме да продолжиме со нови иницијативи во оваа сфера. Креирањето на Насоките за етичко известување во онлајн медиумите следуваше по формирањето на Регистарот на професионални онлајн медиуми што го формиравме на крајот на 2019, а го промовиравме во 2020 година. Тука не застанавме со надградувањето на етичката рамка. Подготвивме и Насоки за инклузивно известување  за пандемијата, бидејќи многу често од граѓанскиот сектор и граѓаните добивавме сугестии за недоволно застапен глас на ранливите групи во медиумското известување за да се почувствуваат вклучени во редовното известување“, рече Тунева.

Директорката на СЕММ ги извести новинарите дека освен постапувањето по жалбите за не професионално работење, што е главна работа на советите за етика во земјите на Европа, македонскиот се вклучува и во друг тип на активности со цел да се разбере неговата улога и мисија и да се работи на поттикнување на професионалното медиумско работење. Така додека  се одржуваше  денешната работна средба со новинарите од Вардарски регион, на афирмативен начин, преку ФБ страницата, СЕММ ги соопшти најдобрите новинарски стории за инклузивно известување со цел да продолжи традицијата на наградување на професионалното новинарство и доброто информирање. Освен оваа активност СЕММ организира и обуки, подготвува сопствени истражувања, надградба на етичката рамка, организирање конкурси со цел да се етаблира саморегулацијата на овој простор колку што е можно повеќе.

На денешната средба особено беше ставен акцент на појавата на сензационалистичките медиумски производи, неправењето разлика помеѓу новинарска и рекламна содржина како и недоволната заштита на приватноста и личните податоци,  што не е случај само во државата. Ги има и во други држави во Европа, покажа истражувањето на СЕММ.

Анализата на работата на Комисијата за жалби на СЕММ за 2020 година покажа двојно зголемен број на пристигнати жалби во споредба со 2019 година. До Комисијата, минатата година, беа адресирани 140 наспроти 83 жалби во 2019 година. Значајно е што има зголемен број на решени жалби, по пат на медијација или користењето на овој принцип овозможи решение на 13 жалби што во проценти изнесува 15 отсто од вкупниот број наспроти само четири во 2019 година.  Лани 109 жалби беа со детектирани елементи на нарушување на Кодексот на новинарите, додека 18 случаи се отфрлени и не е започнато постапка.

„Трендот на медијација очекуваме да биде идентичен или зголемен и во 2020 година што значи дека и двете засегнати страни, жалителот од една и засегнатиот медиум до кого е упатена жалбата од друга страна, се’ почесто комуницираат и соработуваат со саморегулаторното тело. Особено онлајн медиумите, интернет порталите. Односно по испратеното барање за одговор од наша страна со нотирани жалбени наводи истакнати од жалителот се’ почесто медиумите одговараат на тие жалби и објаснуваат зошто го објавиле тој текст или друга спорна содржина“, рече Даниел Димитриевски, Координатор за програми и прием на жалби на СЕММ.

Трендот на зголемен број на жалби продолжува и годинава. Комисијата во првите шест месеци доби  95 жалби што споредбено со истиот период минатата година е повеќе за 20 до 30 отсто. Во 2020 година, 5,5 отсто изнесува бројот на жалби во кои се детектирани  говор на омраза, дискриминација, стигматизација и слично. Но, се пријавуваат случаи, за содржини кои се објавени на интернет порталите откако ќе се објават првично на социјалните мрежи, во кои се позачестен е говорот на омраза. Тоа говори дека се уште има голем простор за работа за што  е потребно системско решение и ангажман и на граѓаните и на граѓанските организации, како и навремени реакции на јавните институции задолжени да реагираат за ваквите појави. 

7d

Во дискусијата во која се вклучија новинарите од Вардарски регион, во услови на Ковид-19, беа истакнати проблеми во комуникацијата со локалните институции, нивната полу или целосна затвореност, како и неможноста да информираат изворно од работата на општинските кризни штабови. Новинарите ја истакнаа фактичката состојба со малиот број на вработени или ангажирани новинари кои не секогаш беа во можност навреме да ги обезбедат точните информации поради кампањскиот пристап на јавните здравствени институции.

Новинарите во услови на игнорирање од нив ги користеа само официјалните информации на националните здравствени установи  и не можеа да реагираат навремено на одредени забуни што ги внесуваа граѓани или опозициските партии. Новинарите, исто така, ги отворија и прашањата за прилагодување на Кодексот на новинари на актуелните општествени случувања или подготвување на нов со оглед на тоа што е донесен во 2001 година, како и користење на нови формати во известувањата за пандемијата со Ковид-19 по примерот на странски медиуми кои воведоа пракса на посуптилно известување  во текстовите, се со цел да се избегнат досадните и стериотипни извештаи составени само од бројки на заболени, активни или починати граѓани, што ги заплашуваа граѓаните.

Овој настан е во рамките на проектот ,,Поддршка на слободата на изразување во медиумите во Северна Македонија’’ што го имплементира Советот за етика во медиумите (СЕММ), со поддршка на делегацијата на ЕУ во Р. Северна Македонија.

Scroll to Top