Новинарството поважно од кога било
Масовното циркулирање на дезинформациите во врска со пандемијата Ковид-19 доби и посебен термин – дезинфодемија. Дезинфодемијата предизвикува збунетост кај луѓето, раздор во полемиките во јавноста и на социјалните мрежи, дури и загрозува животи. УНЕСКО во публикацијата „Новинарство, слобода на медиумите и Ковид-19“ дава статистички податоци кои укажуваат на масовното ширење на дезинформациите во светот во врска со коронавирусот:
- Околу 40 проценти од објавите на социјалните медиуми во врска со Ковид-19 се од несигурен извор, покажало истражувањето на Фондацијата Бруно Кеслер засновано на анализа на 112 милиони објави на 64 јазици;
- Речисиедна третина од корисниците на социјалните мрежи пријавиле дека виделе лажни или погрешни информации за коронавирусот, се вели во студијата на Институтот Ројтерс спроведена во шест земји;
- Во март, на Фејсбук биле идентификувани околу 40 милиони проблематични објави во врска со Ковид-19 и покрај нив било поставено предупредување, известуваат од компанијата и додаваат дека биле отстранети стотици илјади дезинформации за вирусот;
- Интернет пребарувачот Њузгард идентификувал 191 веб-страница во Европа и Северна Америка кои објавувале лажни информации за вирусот;
- Алијансата „Коронавирусфакти“ открила и демантирала повеќе од 3.500 лажни или погрешни информации во над 70 земји и на повеќе од 40 јазици.
Во март, Фејсбук, Гугл, Линкдин, Мајкрософт, Редит, Твитер и Јутјуб објавија заедничка изјава за нивната посветеност во борбата против дезинформациите поврзани со коронавирусот. Тие се заложија да ги отстранат, намалат или означат дезинформациите во врска со Ковид-19, да даваат донации на новинари и проверувачи на факти, да ги упатуваат корисниците кон информации од официјални здравствени организации, поставувајќи ги на врвот во резултатите од пребарувањето, како и да забранат реклами што вклучуваат дезинформација за коронавирусот.
Сепак, како што пишува во публикацијата на УНЕСКО, онлајн мрежата на активисти „Авааз“ открила дека 41процент од дезинформациите што ги идентификувала на Фејсбук биле без ознака за предупредување. Институтот Ројтерс, во примерок од 225 дезинформации, открил дека 59 проценти од објавите на Твитер оценети како лажни од проверувачите на факти, сепак, останале на интернет. На Јутјуб останале 27 проценти од лажните објави, а на Фејсбук останале 24 проценти од дезинформациите и без ознака за предупредување.
Во ваквата глобална дезинфодемија, професионалното новинарство им дава на луѓето алтернатива за дезинформациите преку објавување проверени факти и информирани мислења. Новинарството, барем во демократски развиените земји во светот, се признава како „основна услуга“ и „јавен сервис“ кои се и ќе бидат поважни од кога било.
Новинарски грешки и условите за работа во коронакризата во Македонија
При известувањето за пандемијата Ковид-19, новинарите во Македонија беа (и се` уште се) под голем притисок во објавувањето на информации од јавен карактер, но тоа не обесхрабри одредени медиуми да продолжат со проблематичните новинарски практики.
„Ова разгалено детиште го зарази цел Карпош!“, „А се лечи ли корона вирус со вазелин?!“, „Француски научници велат дека хрватскиот Сумамед помага против коронавирусот“, „Системот крахира: Починатата од корона 7 дена ја лечеле по телефон – хоспитализирана дури пред 3 дена!“, „МНР и МО на Димитров и Шеќеринска за четири дена среде криза потрошиле 2,5 милиони денари за патување во странство“. Ова се некои од текстовите поврзани со коронакризата за кои Советот за етика во медиумите одлучувал по жалби кои биле поднесувани заради сензационалистичко известување, текстови засновани на непотврдени факти, објавување неточни и непроверени информации, за ширење страв и паника. Советот утврдил и изнесување шпекулации без извор на информацијата и без да ѝ се посочи на публиката дека станува збор за претпоставки, непристрасно и неурамнотежено информирање без да биде застапена втората страна или без професионална дистанца од политичките субјекти, како и текстови кои содржеле говор на омраза, дискриминација и нарушување на приватноста.
Покрај ова, новинарските редакции многу малку известуваа за штетните последици од физичката изолација, како семејно насилство, страв, чувство на безнадежност. Недостигаше емпатија и похумана перспектива при известувањето за статистиките на Владата за заболени и починати од коронавирусот, секако без нарушување на приватноста на жртвите и нивните семејства. Малку новинарски приказни ги потенцираа прашањата карактеристични за старите лица, жените и младите.
Од друга страна, за да ја информираат јавноста, новинарите ја ставаа на ризик сопствената безбедност. Двајца медиумски работници починаа од Ковид-19, а повеќе новинари беа заразени од коронавирусот. На почетокот на коронакризата, тие го ризикуваа своето здравје затоа што редакциите немаа опрема за лична заштита, како маски, визири или нараквици. Се соочуваа со зголемен притисок и неизвесност, продолжено работно време, несигурност на работното место. И покрај високиот пораст на публиката, одредени медиуми им ги намалија платите на новинарите и другите медиумски работници поради, според менаџерите, пониските приходи од рекламирање. И тоа токму во моментот кога новинарите беа најпотребни.
Да се залагаме за новинарството и во услови на криза
Оваа криза овозможи луѓето да го препознаат новинарството како суштински елемент на нивните животи.Коронавирусот ги зголеми предизвиците со кои се соочуваат новинарите, но исто така ја зајакна и довербата кај публиката дека може да смета на нив. Граѓаните ја почувствуваа потребата од професионални медиуми за да добијат разбирливи, достапни, навремени и веродостојни информации за заканите од коронавирусот по нивното здравје.
Но, „Ковид-19“ ги обелодени и празнините што треба да се пополнат во новинарските редакции во Македонија. Високообразовните институции, организациите што спроведуваат обуки, но и самите медиуми имаат важна улога во зајакнување на редакциите. Со колегите од Институтот за комуникациски студии креираме нова практична програма за млади луѓе заинтересирани за новинарство, со малку или без искуство, која ќе им даде можност да учат за новинарство од јавен интерес и за медиумска продукција, како и да учествуваат во креирање медиумски содржини со искусни новинари и во новинарски редакции. Новинарско образование според најновите трендови во медиумската и комуникациската индустрија ќе овозможи повеќе и подобро обучени новинари со разновидни вештини. Како да бидат непристрасни набљудувачи и известувачи, да размислуваат надвор од рамките кога бараат идеи за приказни, да офатат широк спектар на гласови што создаваат свесност и едуцираат, да се преиспитуваат додека слушаат и критички да расудуваат, да го застапуваат интересот за „човечката“ страна и заедницата, да избегнуваат стигматизирање, да ги раскажуваат приказните оригинално. Исто така, да знаат да ги користат дигиталните технологии при прибирање податоци, проверка на факти и изработка на стории. И не само зајакнување на новинарските и дигиталните способности, туку и на претприемачките вештини што можат да овозможат „старт-ап“ медиуми и независно и критичко новинарство.