Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Министерството за внатрешни работи и Советот за етика во медиумите повикуваат да нема говор на омраза во медиумите, особено во предизборниот период

„Негативните коментари и коментарите од омраза си го наоѓаат патот до онлајн медиумите и брзо се споделуваат и се засилуваат на друштвените мрежи. Традиционалните медиуми често ги повторуваат овие пораки, со што тие допираат до уште поширока публика. Доколку не се адресира, овој тренд станува дел од политичкиот дискурс и често го зафаќа целото општество“ изјави Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје

Минатата година, под покровителство на Мисијата, владини и невладини организации ја формираа Мрежата против говор на омраза во медиумите. „Ние ја сметаме Мрежата за важна платформа со капацитет за понатамошни дискусии за тоа како да се промовира транспарентноста и да се охрабрат најдобрите практики за развивање на алтернативни и контра наративи во медиумите“ додаде Која. „Борбата против говорот на омраза не треба да ја ограничи слободата на изразување или да води кон самоцензура, ниту пак да се користи за замолчување на критиките на политичките опоненти“.

Сликата е преземана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје

Наќе Чулев, Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, рече: „Цензурата на говорот на омраза во медиумите пред се е задача или обврска на самите медиуми, на нивните уредувачки правила и професионални стандарди. Полицијата не може, ниту пак сака, некому да биде уредник и редактор. Она што полицијата може да стори е да ги примени соодветните закони од националната легислатива“

Катерина Синадиновска, претседателка на УО на Советот за етика во медиумите, рече: „Многу е значајно да се продолжи со промоција на новинарските стандарди и медиумите да бидат свесни за одговорноста на јавно кажаниот збор. Но, залудни би биле сите напори на професионалната новинарска и медиумска заедница доколку нема одговор од институциите кои се надлежни да го санкционираат говорот на омраза. Да не заборавиме дека тука не станува збор само за непочитување на новинарските стандарди, туку и за кривично дело“ 

slika 2
Сликата е преземана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје

Марина Тунева, извршната директорка на Советот за етика во медиумите, која ја претстави Повелбата за етичко известување, изјави дека според податоците на Советот за 2019 година, 20 проценти од пресудите се однесуваат на случаи на говор на омраза и поттикнување насилство или дискриминација по различни основи. „Зачестената присутност на лажните вести, дискриминацијата и говорот на омраза, особено во изборниот период, ја наметнаа потребата на овој феномен да се спротивставиме на систематски и заеднички начин.”

Scroll to Top