Дел од медиумите, во обид да бидат ексклузивни и да стекнат поголема читаност, без навремена проверка на фактите од институциите, го презедоа видеото, објавувајќи го со бомбастични наслови. Со самото тоа тие сторија голема грешка. Последицата беше гнев кај читателите, кои веднаш почнаа со осуди, без воопшто да дознаат што навистина се случувало пред и после „непромислениот гест“ на момчето. Отпосле се дозна дека момчето бил изманипулирано од своите другари кои, во обид да се прикажат како ,,главни’’ на Фејсбук, ја злоупотребиле неговата попреченост. Во лавината реакции, пред сè на социјалните мрежи, детето беше стигматизирано, осудено и вербално линчувано, поради што извесен период мораше да остане дома и покрај напорите на институциите да биде вклучено во образовниот систем.
Од детска игра, преку непрофесионален пристап на медиумите, до интеревенција на надлежните и целосно повлекување на ученикот, пред сè поради говорот на омраза во коментарите на социјалните мрежи. Залудни беа обидите на дел од граѓаните во своите коментари да укажат дека треба да се дознае вистината за случајот, кои и самите станаа мета на етикетирања по секаква основа, бидејќи наводно го бранеле непромислениот гест на ученикот.
Медиумите честопати се ,, лепат’’ на објави на социјалните мрежи и, по принципот ,,copy paste’’, се шират со молскавична брзина, без да бидат проверени од најмалку два извора, како што налагаат новинарските правила и стандарди. Па, така, непроверените и нецелосни објави, спакувани во облик на новинарски продукт, оставаат простор да се предизвикаат произволни констатации, жаргони на вулгаризам, присуство на говор на омраза, при што се злоупотребува и улогата на самите медиуми.
,,Медиумите мора да имаат клучна улога не само во информирањето, туку и во сузбивањето на говорот на омраза, дискриминацијата, стереотипите. Имаме дијалози, етикетирања, а немаме информации засновани на факти. Секој за секого може нешто да каже, а никој да не одговара. За да се подобри состојбата од аспект на писменост, култура на говор, на изразување и пишување, нам ни е потребна медиумска писменост на сите нивоа“, ќе каже Јасмина Миронски, долгогодишен новинар.
Случајот со објавеното видео, кое најпрво се најде на социјалните мрежи, а потоа беше преземено и од медиумите, го отвора прашањето колку и како училиштата работат на медиумската писменост, ги едуцираат учениците за културата на изразување и можните последици од објавувањето нецелосни информации или видеа кои не ја отсликуваат вистината или, пак, ги почитуваат различностите во стремежот за инклузивност на сите лица во општеството. Очигледно дека во тој сегмент потфрлува целиот образовен систем, кој, во најмала рака, треба да биде столб не само за научни достигнувања, туку и за негување на етичките, моралните и културните вредности.
„Денес сме сведоци на нешта кои се недолични за младите. Училиштата станаа центар за препознавање по говор на омраза, дискриминација, стереотипи. Кога тоа е веќе присутно, не треба да губиме време, туку да направиме конкретни чекори кои ќе донесат резултати во иднина. Потребна е блиска соработка со медиумите и образовните институции. Учениците мора да дознаат што е и како изгледа една професионална информација, за младите да не бидат изложени на погрешни перцепции. Потребни се реформи во образовниот систем во кои ќе бидат вклучени и медиумите. Училишното образование треба да креира содржини за инклузивност и да се прифатат различностите“, истакна професорот Насер Мифтари на неодамнешната дебата на Советот за етика во медиумите на тема „Улога на медиумите и образованието во адресирањето на говорот на омраза и дискриминацијата“.
Образованието е важно за цивилизациски напредок и подобрување на демократскиот амбиент, па оттука сè уште се води полемика колку медиумската писменост и на кој начин треба да биде дел од образовните програми во земјава. Едни размислуваат дали да биде дел од задолжителен предмет или, пак, да е составен дел од сите наставни програми, па дури и во природните науки. Медиумскиот експерт Снежана Трпевска смета дека медиумската писменост треба да биде дел од севкупниот образовен систем на сите нивоа. На тој начин се стекнува култура на изразување, базирано на докази и аргументи, а не објавување на површни информации кои може да предизвикат последици. Само медиумски писмен граѓанин ќе знае да изврши проценка за важноста на одредена пласирана вест, да ја открие позадината и да има критички пристап кон неа. Слободата на изразвување не треба да значи ширење негативни констатации и говор на омраза, туку потребно е аргументирано изнесување на ставовите врз основа на етичките, моралните и културните вредности.
„Моделот кој се покажал како најефикасен во светски рамки е инфузирање на тие содржини во различни предмети од образовните програми. Потребни се системски решенија“, вели Снежана Трпевска.
Се прашувам дали доколку имаше критички настроени и медиумски потковани граѓани ќе беше ли осудено 12 – годишното момче со попреченост за гестот што го сторил поттикнат и изманипулиран од своите врсници. Секако, новинарите се тие кои треба да ги канализираат вестите и информациите, кои треба да бидат целосни, релевантни и поткрепени. Од медиумите се очекува силно да залагаат за проверка на секоја информација и да не дозволат ширење говор на омраза не само во своите текстови и наслови, туку и во делот на коментарите на објавените вести оти слободата на изразување не треба да значи линчување, осуда, етикетирање, туку дебата поткрепена со аргументи низ почитување на културните цивилизациски вредности на разбирање и вреднување на различноста.