Сè уште имам етичка дилема дали е, условно речено, лицемерен контекстот во кој ја пишувам оваа анегдота. Од едноставна причина што не сакам да биде уште една наменски напишана приказна за луѓе со попреченост. Но, тргнувајќи од ставот дека секој поединец има посебни потреби (за правна држава, за квалитетно образование, за еднакви права за сите, за култура…), длабоко верувам дека сите ние сме во иста положба – еднакви, некаде на дното. Или барем голем дел од нас.
Владо Крстовски, програмски менаџер на здружението „Порака“, зборуваше за медиумите и лицата со попреченост на работилницата „Против стереотипи и дискриминација со инклузивно медиумско известување“ што ја организираше Советот за етика на медиумите во Македонија. Ми оставија впечаток неговите зборови. „Престанете со милосрдие да известувате за лицата со попреченост. Престанете да правите телевизиски прилози со тажна музика. Дајте им простор и во теми кои не се однесуваат на лица со попреченост“.
Сосема на место. Воздухот е загаден за сите, преговорите за членство во Европската унија нè засегаат сите. Но, зборот инклузивно има спротивно значење на „ексклузивно“, кој има посебно место во медиумите. Ексклузивна вест, дознаваме ексклузивно, ексклузивна изјава од… додека се залагаме за инклузивно образование, инклузивно известување, инклузија на лицата со попреченост во општеството.
Во секојдневието се бараат и соодветни термини со коишто ќе се избегне употреба на зборови кои ќе навредат некого, нарекувајќи го „инвалид“, „хендикепиран“, „лице со отстапки во развојот“, итн.
Бранислав Јовановски, кој има постигнато импресивни резултати во стрелештво, вели дека никој никогаш не го ословил поинаку освен по име, презиме или прекар. Но, дециден е дека е неопходна усвоена и усогласена терминологија во сите институции, за да се избегнат непотребни пречки и оптоварувања.
Во меѓувреме, здруженијата бараат попосветен однос на новинарите кон овие теми. И тоа треба да биде така. Но, да не заборавиме дека во изминатата деценија редакциите беа десеткувани, опустошени. Ако пред 20 години во дневните весници имаше специјализирани рубрики со по четири-пет новинари и уредник, денес од оваа бројка е составен вкупниот тим во една редакција. Некаде и помалку. Обврска на многу новинари е да следат и политика (внатрешна и надворешна) и здравство и образование и култура и црна хроника и забава. На социјалните теми можат да се посветат само ако се „ексклузивни“ (во нашето инклузивно општетство за кое толку многу сакаме да зборуваме). И најголем дел од нив се потпросечно и нередовно платени, што ги прави дел од оваа социјална приказна.
Така, во ова наше општество, наместо да се бара соодветна дефиниција за нечија состојба, потребна е емпатија и првенствено достоинствен однос кон секој од нив (нас) поединечно. За функционални институции, закони, пристапни патеки и јавен превоз… зарем за ова треба воопшто да се говори?! За жал, да. Веројатно уште долго време.
П.С. Физичарот и космолог Стивен Хокинг беше постојано присутен во медиумите. На насловните вести или на страниците за наука. И не зборуваше за пристапни патеки. Тоа е нивото кон кое посакувам да се стремиме.